Горан КАЛОЃЕРА
Григор Прличев со своите говори, книжевно творештво, полемики, преводи и политички ангажман целосно ги уништува стереотипите за македонските писатели од 19 век како недоволно образовани и полуписмени дилетанти, исклучиво врзани за народната усна литература и традиција.
Несомнено е дека тој беше човек со голем уметнички потенцијал, писател кој живееше во надеж дека ќе има можност да го изрази својот поетски гениј во својата средина. Не можејќи да го стори тоа, тој стана раздразлив, темпераментен, кавгаџија и проблематичен човек, огорчен кон својата околина и луѓето кои не можеа да ја сфатат неговата уметничка големина. Духот на француското просветителство го носеше овој човек во неговите јавни настапи. Француската, италијанската и грчката литература беа негови примери во книжевното творештво. Пишуваше на грчки, читаше и пишуваше на француски, а нешто помалку го познаваше италијанскиот.
Тој беше полиглот, течно говореше неколку светски јазици и очигледно запознаен со идеите на теоретичарот Болео и неговата естетска расправа „L’art poetique“. Дека бил темелен преведувач најдобро сведочи неговиот превод на Ариосто, „Орландо Фуриосо“, кој резултирал со прозен превод насловен „Смехории на Ариоста“.
Тој беше писател кој беше пред своето време. Кога не ја нашол својата „книжевна сцена“ во сопствената земја, ја барал надвор од неа. И ја најде. Пред се во Грција. Делото кое стана „Вториот Хомер“ во Атина, поемата Арматолос (Сердарот), напишана на современ грчки јазик, е поетска историја на македонското население во Западна Македонија со главниот херој, националната легенда Кузман Капидан, на неговиот богат опус се придружува поемата Скендербег, Автобиографија и бројни песни, меѓу кои и оние за охридскиот јазик.
Навистина, тој го напишал своето најдобро дело на грчки, јазикот што најдобро го знаел. Пишувал и на бугарски јазик, но без книжевен успех. Се разбира, затоа и го присвојуваат и Грците и Бугарите. Што се однесува до грчката литература, Сердарот само ја збогатува, но треба јасно и гласно да се каже. Григор Прличев, роден во Охрид, не е ниту Грк ниту Бугарин, туку македонски и светски писател. Својот патриотизам и неговото заминување од бугарштината тој ја изразува во своите говори (Почесно писмо за Кирил и Методиј), всушност неговата „бугарска фаза“ беше намерно отстапување од грцизмот, првенствено онаа на грчките епископи и гркофили.
Прличев, навистина имал нејасна перцепција за неговата македонска традиција и воочлив е неговиот премин кон македонската традиција по враќањето од од Бугарија во 1882 година. Во писмото од тој период до редакцијата на „Зорница“ каде што ги застапува македонските погледи за јазикот и правописот, Прличев јасно се определува себеси како македонски учител „зошто не сум Румелиец, велат дека сум едноставно македонски учител.
Неоспорен поетски гениј, најквалитетниот македонски писател во 19 век, проевропски ориентиран, во текот на својот животен век сепак го проноаѓал својот национален еволуциски процес, навистина, не до крај и не целосно, но тој неспорно беше на трагата на конечното спознавање за себе и на мајката Македонија како посебен словенски етникум во словенско-грчка средина.
И прашањето што продолжува да ме заинтригира: каква ќе беше неговата судбина ако заминеше во Берлин или Оксфорд?