Денешното рочиште за случајот „Тортура“ се одложи бидејќи во судница не се појави обвинетиот Метуш Шабани.

Неговиот адвокат појасни дека Шабани има здравствени проблеми, односно болка во коленото и отежнато движење, за што достави медицинска документација, објави Фокус.

Во судница не се појавија ниту сведоците Орце Камчев, новинарката Оливера Трајковска и поранешниот портпарол Иво Котески, иако според судијката Александра Ристеска, Камчев уредно ја примил судската покана, а Трајковска и Котески не ги примиле поканите.

Обвинителот Љубомир Лапе побара за наредното рочиште сведокот Камчев присилно да биде донесен во судот, односно со полиција. Судијката Ристоска истакна дека ќе ја извести полициската станица за спровод, но му остави и можност на Камчев да го оправда отсуството.

Во случајот „Тортура“ еден од обвинетите е и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, и тоа за апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година.