На иницијатива на Билјана Ангелова, сопруга на бугарскиот амбасадорот во Македонија, како дел од кампањата „Стоп за домашното насилство. Животот е МОЈ!“, денеска напладне на Градскиот плоштад во Скопје и на плоштадите и јавните места низ градовите во земјава, втора година по ред ќе се одржи краток собир со кој ќе се означи поддршката на жртвите на семејното насилство.

На настанот, како дел од овогодинешната кампања, ќе му претходи и конференција која ќе се одржи во просториите на Општина Чаир. Во рамки на конференцијата, ќе се разговара оваа социјална тема и голем општествен проблем, а свое видео-обраќање на оваа тема ќе има и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук.

Со иницијативата, Ангелова потсетува дека за да може една земја успешно да се бори против семејното насилство, потребна е континуирана работа на многу аспекти – од охрабрување на жртвите да се изборат за себе си и своите права и да се оттргнат од насилната средина; вклученост на широката популација со градење на свесност за темата и препознавање на повикот за помош преку симбол; до функционални Институции кои континуирано ќе работат на превенција и активно ќе бидат вклучени во заштитата и поддршката за жените за нивна реинтеграција во општествениот живот преку психолошко и економско јакнење.

– Секоја година сме сведоци на интензивна активна борба против семејното насилство која трае 16 дена. За жал, насилството не е само 16 дена во годината, туку 365 дена – и тоа не само кон жените, туку и кон децата и кон мажите. Ваков е случајот и во РС Македонија, и во Бугарија, и во Косово. Драго ми е што оваа година иницијативата е препознаена од се поголем број институции, авторитети, компании и поединци. На овој начин, со зголемено учество, секој ден, 365 дена, заедно можеме да бидеме дел од промената која сакаме да ја видиме и да ја креираме за идните генерации, изјави Ангелова.

Имране Морина, која оваа година работи заедно со Ангелова на покревање на свеста за оваа тема вели дека жртва на домашно насилство може да биде кој било – без разлика на возраст, пол, етницитет, образование, професија, статус.

– Жртвите најчесто се токму оние кои најмалку ќе помислите дека се жртви, најчесто успешно маскирајќи се и камуфлирајќи се во општеството. Важно е заеднички да работиме на едукација на новите генерации како да го препознаат карактеристичното однесување на насилник уште при првите средби, но и да бидеме поддршка на жртвите – и индивидуално, и институционално. Да ги поттикнеме и да ги охрабриме да престанат да го живеат животот на својот насилник, затоа што животот е нивен, истакна Морина.

Собирот е од отворен карактер, а сите заинтересирани лица може да се приклучат и да дадат тивка поддршка на жртвите на семејното насилство преку демонстрација на симболот кој означува барање помош. Оние кои сакаат да изразат поддршка на кампањата, а не се во можност да присуствуваа, истото може да го направат со споделување на фотографија, со симболот или со порака напишана на дланката, во рамки на официјалната Фејсбук група на кампањата, со користење на еден од официјалните хаштагови.

Кампањата е поддржана од Министерството за труд и социјална политика, како и Бугарската и Косовската Амбасада и Амбасадата на Европската Унија во Македонија, како и голем број поединци и компании.