Канада денеска регистрира 27.036 потврдени случаи на коронавирусот, и 952 починати, соопшти главниот канадски службеник за јавно здравје Тереза Тем и додаде дека половина од смртните случаи се поврзани со установи за долгорочно згрижување на стари лица.

Неодамна пријавените 25 смртни случаи во домот за долготрајна нега во Торонто, како и трагичното сознание за неодамнешната смрт на 31 штитеници во еден дом за долготрајна нега во Квебек, кои персоналот ги напуштил и ги оставил сами на првиот знак за појава на Ковид-19, ја натера Владата на Џастин Трудо да се соочи со овој проблем.

Новите насоки за грижа за стари лица во домови се донесени во соработка со сите канадски провинции и територии.

Трудо рече дека сојузната влада е свесна дека има проблеми во овие институции и додаде дека ќе работи на нови решенија и наоѓање луѓе кои ќе се грижат за стари и загрозени лица.

Тој изјави дека Квебек, на пример, им понудил зголемена плата на работниците во домовите, а премиерот на Квебек Франсоа Лего признал дека многу од проблемите во домовите се должат на недостигот на персонал и ниските плати.

Трудо рече дека Канада е со недели далеку од олеснување на пандемските ограничувања и придвижување на економијата.

Тој наведе дека пристапот за отворање на економијата ќе биде постепен, и смета дека работните места во некои сектори се помалку ризични од другите, така што работниците во тие области ќе можат побрзо да се вратат на работа.