Канада отиде предалеку во својот одговор на недостигот на работна сила по пандемијата, рече премиерот Џастин Трудо, додека неговата влада најави план за намалување на имиграцијата за да го ублажи притисокот врз домувањето и социјалните услуги.
Јавното мислење во земјата, која историски се гордее со својот статус на земја која ги прифаќа новите доселеници, неодамна се сврте против имиграцијата, која ја обвинува за намалување на достапните станови.
– Во бурните времиња кога излеговме од пандемијата, помеѓу решавањето на потребите за работна сила и одржувањето на растот на населението, не успеавме да ја постигнеме вистинската рамнотежа, рече Трудо.
Се очекува Канада да донесе 395.000 нови постојани жители во 2025 година, 380.000 во 2026 година и 365.000 во 2027 година, што е намалување од 485.000 оваа година.
Тоа е прво повеќегодишно намалување откако Отава почна да усвојува повеќегодишни планови за имиграција во 2018 година. Канада планираше да донесе 500.000 следната година и исто толку во 2027 година.
Истовремено, се планира намалување на бројот на привремени жители за стотици илјади годишно, се наведува во соопштението на одделот за имиграција.
Владата се надева дека повеќе од милион луѓе на кои им истекуваат визите во наредните години ќе си заминат доброволно.
Анкетите покажуваат дека се поголем број Канаѓани мислат дека Канада прима премногу имигранти.
Фото: МИА архива