Франција мобилизираше илјадници полицајци, оклопни возила и камиони со водени топови во Париз за да ги спречи конвоите на камиони кои се собираат во главниот град на протест против ограничувањата поради Ковид-19, објави Радио Слободна Европа.
Поставени се контролни пунктови на патарините на главните влезни патишта, како и бариери за контрола на немирите низ центарот на градот пред собирите што демонстрантите ги најавија во текот на викендот, јавува новинската агенција Ројтерс.
Инспирирани од демонстрациите на „Конвојот на слободата“ во Канада, возачите од повеќе градови низ Франција се очекува вечерва да се соберат надвор од Париз и да и пркосат на наредбата на полицијата да не влегуваат во градот.
На почетокот на вечерниот шпиц, полицијата почна со проверка на документите на возачите на различни влезни точки во центарот на градот. Повеќе од 7.000 полицајци ќе бидат мобилизирани во следните 72 часа.
Членовите на конвојот разменуваат информации преку социјалните мрежи за тоа како најдобро да се провлечат во градот, избегнувајќи го полициското присуство. Претходно премиерот Жан Кастекс ги предупреди демонстрантите да не се обидуваат да го загрозат сообраќајот во Париз.
Претходниот период протести на камионџиите во Канада парализираа делови од главниот град Отава и ги блокираа клучните премини меѓу САД и Канада. Камионџиите се обединија лути поради задолжетелните вакцини за прекуграничен сообраќај.
Но, во Франција, граѓаните се тие кои се лути на ограничувањата поради Ковид 19 и седнуваат во своите возила. Протестите покажуваат знаци на обединување на различните противници на претседателот Емануел Макрон, два месеци пред изборите на кои се очекува тој повторно да се кандидира.