Американскиот претседател Џо Бајден денеска потпиша извршна наредба за запленување на имотот на авганистанската централна банка во износ од 7 милијарди долари, депонирани во САД.

Има намера да резервира половина од таа сума за семејствата на жртвите на 11 септември, соопшти Белата куќа.

Американскиот претседател ужива „вонредни економски овластувања“ според законот од 1977 година кој може да ги пренесе средствата од блокирана сметка на Федералните резерви во Њујорк, која е јавна институција.

Средствата на централната банка обично се финансиски инструменти, девизи или злато.

Половина од таа сума треба да се резервира за обештетување на семејствата на жртвите на 11 септември 2001 година.

Според идејата на Бајден, другата половина би била наменета за хуманитарна помош за Авганистан, но таа треба да се исплати на начин да не падне во рацете на талибанците, објаснуваат од Белата куќа.

„Многу е важно да се земат 3,5 милијарди долари одеднаш и да се осигура дека ќе бидат потрошени за доброто на авганистанскиот народ, а од друга страна да им се гарантира на семејствата на жртвите од терористите дека нивниот глас ќе се слушне пред американското федерално правосудство.“, објасни висок претставник на Белата куќа.

Тој призна дека станува збор за „судски сложена“ ситуација и посочи дека денешното соопштение е само почеток на процес кој ќе трае со месеци.

Методот што го избрал американскиот претседател сигурно ќе предизвика бројни контроверзии во време кога Авганистан се соочува со тешка хуманитарна криза.

Резервите на Централната банка на Авганистан изнесувале 9,4 милијарди долари бруто во април 2021 година, според Меѓународниот монетарен фонд.

Таа сума била депонирана во странство, најголемиот дел во САД, пред талибанците да се вратат на власт кон крајот на август.

Талибанците бараа да ги поседуваат резервите на авганистанската централна банка, а Русија ги повика САД да ги деблокираат тие средства.

Свесни за контроверзноста што таквата одлука би можела да ја предизвика, претставници на Белата куќа посочуваат дека резервите на централната банка на Авганистан произлегуваат „од континуираната и голема помош на САД и другите меѓународни донатори на Авганистан во текот на децениите“, објави Гардијан.