Македонија има рок до петок да ги прифати бугарските уцени и условувања или ќе добие и официјално блокада за стартот на преговорите за членство во Европската Унија, порача бугарскиот министер за одбрана. Красимир Каракачанов вели Бугарија ги потврдила своите позиции и немаат намера да отстапат од нив. По средбата со македонскиот премиер Зоран Заев, порача дека сега се е во рацете на колегите од Скопје и дека сега тие имале можност да коригираат се што пропуштиле.
-Разговорот беше многу долг, почна во 10 изутрина и буквално заврши во 10 минути до 17 часот, малку пред да тргнам накај Самоков. Долго време разговаравме во една многу добра атмосфера, еден пријателски разговор, без потреба од преведувачи, мислам дека разбраа. Од тука натаму во нивните раце е да ја прилагодат нивната досегашна политика, никогаш не е доцно, подобро доцна како кажува бугарскиот народ отколку никогаш, изјави Каракачанов.
Додека Каракачанов открива некакви детали од средбата, од македонската Влада молк околу преговорите. Сепак бугарскиот министер смета дека се променило нешто по долгата средба во Софија.
-Мислам дека се промени едно, тие разбраа дека Бугарија не води никаква политика на инает, туку Бугарија води принципиелна политика. Има две варијанти, или ќе биде добро и за Бугарија и за Македонија, или за Македонија преговорите за Европската унија се одложуваат некаде во времето, изјави Каракачанов.