Треба само малку повеќе да се чита и да се развива културен дијалог, а не политички караници за Гоце Делчев, изјави вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Бугарија, Красимир Каракачанов.
– Политичарите може да се расправаат уште 200 години, а од тоа нема добивка, напротив губат граѓаните. Политичарите печалат на сметка на граѓаните, а граѓаните губат од неодговорни политичари, порача Каракачанов за време на престојот во Битола, а во контекст на македонско-бугарските преговори и спорот за револуционерот Гоце Делчев.
Според Каракачанов добро е што двете држави го слават Гоце Делчев, го почитуваат и двете држави имаат споменици од него.
– Треба решение за проблемот на тема Гоце Делчев бидејќи историјата е јасна, а и самиот Гоце Делчев напишал што е и кој е и затоа нема смисла да се спори. Државата Македонија и државата Бугарија, односно двете држави го почитуваат, двете држави имаат споменици на Гоце Делчев. И за да не спориме, најдобро е да прочитаме што тој сам напишал, вели Каракачанов.
Прашан за тоа дали книгите со воено-историска тематика помагаат за подобро разбирање, бугарскиот министер одговори дека фактите овозможуваат решавање на проблемите.
Каракачанов на покана на битолското здружение „Иван Михајлов“ ги промовираше книгите за полковникот Дрангов, кој бил роден во Скопје и ден денес се изучува во бугарската воена академија како најпопуларен бугарски офицер од времето на Балканските и Првата светска војна, потоа книгата за академик Ѓорги Марков и книга за Тодор Александров.