Според Уставот, македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на државата и не знам кому и зошто не му е јасна оваа уставна обврска, прашува проф. д-р Тања Каракамишева.
Оваа реакција доаѓа по последниот случај со директорката на Клиниката за токсикологија, Бесија Илјази која не го знаела македонскиот јазик и користела преведувачи.
– Никому, ама баш никому не смее да му се толерира непознавање на македонскиот јазик, посебно ако лицето е вработено на државно работно место. Македонскиот јазик според Уставот е прв и службен јазик во Македонија. Тој е мајчин јазик на мнозинскиот народ во државата и кохезивен елемент на општеството, јазик на кој се разбираат сите граѓани во државата, независно од нивната етничка припадност и нивниот мајчин јазик, вели Каракамишева, професорка по Уставно право.
Во унитарна држава, додава проф. Каракамишева, каква што (исто според Уставот) е Македонија, треба да постои еден службен јазик и други јазици што се употребуваат.
– Доколку се дерогираат таа кохезивност и службеност на македонскиот јазик, тогаш како држава и општество одиме кон дезинтеграција и се движиме кон оние идеи што како застрашување лебдат во македонскиот политички простор за бинационалност, федерализација, кантонизација, вели Каракамишева.
Според амандманот 5 од Уставот, „на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“.