Никотинот е токсичен за срцето и крвните садови, без оглед на тоа дали се внесува преку вејп, кесичка, наргиле или цигара, според експертскиот консензус-извештај објавен на 15 јануари 2026 година од страна на Европското кардиолошко здружение во European heart journal. Извештајот ги обединува резултатите од целата литература во оваа област и е прв што ги разгледува штетите од сите производи што содржат никотин, а не само од пушењето.
Извештајот истакнува драматичен пораст на употребата на вејпови, загреан тутун и никотински кесички, особено кај адолесцентите и младите, со докази дека три четвртини од младите никогаш порано не пушеле вејпери. Ова за МИА го изјавија ас. д-р Даница Петкоска-Спирова, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија во Скопје, и проф. д-р Јорго Костов, претседател на Македонското здружение по кардиологија.
И двајцата го поздравија предлог-законот за заштита од пушењето.
– Затоа многу е важно што предложените одредби на законот се однесуваат и на овие форми на употреба на никотин – истакнаа докторите.
Универзитетската клиника за кардиологија и Македонското здружение по кардиологија, како што истакнаа, безрезервно ги поддржуваат предлог-законот за заштита од пушењето, изготвен од страна на Мистерството за здравство, и неговото промовирање кон јавноста, пациентите и, пред сè, кон младата популација.
– Овој закон претставува усогласување и со европските рамки, со што нашата држава ќе се приклучи кон земјите што веќе имаат донесено ваква регулатива – нагласија докторите.

Потенцираа дека никотинот е моќен кардиоваскуларен токсин, кој предизвикува оштетување на срцето и крвните садови, без оглед на системот за испорака. Ниеден производ што содржи никотин, нагласија, не е безбеден за крвните садови или срцето. Ова ги вклучува класичните цигари, е-цигарите, загреаниот тутун, лулите за вода, пурите и оралните никотински кесички.
– Зависноста кај младите бргу расте, поттикната од вкусови, маркетингот на социјалните медиуми и регулаторните дупки. Пасивната изложеност на чад, вејп и емисии на загреан тутун исто така предизвикува васкуларна штета. Вејповите и кесичките не се ефикасни алатки за откажување, туку се влезна точка за пушење и често водат до двојна употреба заедно со цигарите. Болестите поврзани со никотин чинат стотици милијарди евра загуби во здравството и во продуктивноста секоја година – додадоа тие.
Петкоска-Спирова и Костов посочија дека никотинот не е безопасен стимуланс – тој е директен кардиоваскуларен токсин.
– Поради цигарите, вејповите, загреаниот тутун и никотинските кесички, постојано гледаме зголемен крвен притисок, оштетување на крвните садови и поголем ризик од срцеви заболувања. Ниеден производ што испорачува никотин не е безбеден за срцето. Наративот за побезбеден никотин мора да заврши. Итно е потребна унифицирана регулатива, која ги опфаќа сите никотински производи, особено за да се заштитат адолесцентите, кои сега се примарна цел на агресивен маркетинг. Во спротивно, ризикуваме да изгубиме цела генерација поради зависност од никотин – алармираа кардиолозите Петкоска-Спирова и Костов во изјавата за МИА.

Следниот срцев удар, следниот мозочен удар, следната кардиоваскуларна смрт, предупредија двајцата доктори, можеби нема да дојде од цигара, туку од ароматизирана капсула, никотинска кесичка или наргиле во кафуле.
– Преминот од цигари на електронски цигари и ароматизирани кесички не е ефикасно намалување на штетата, тоа е повеќе трансформација на стратегиите за зависност. Затоа ни треба политичка акција, презентирана со овој предлог-закон, кој опфаќа основни мерки за спречување кардиоваскуларни заболувања. Науката е јасна – кардиоваскуларната токсичност на никотинот досега е базирана на докази. Должноста сега е на законодавците да ја заштитат јавноста, особено децата, од нова епидемија на зависност и болести. Апелираме на доследна и безусловна примена на законот со цел сите овие одредби да имаат краен ефект – заштита на кардиоваскуларното здравје на младата популација и подигнување на свесноста кај целото население – потенцираа Петкоска-Спирова и Костов.
фото и текст МИА




