Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, во интервју за Алсат изјави дека на следните избори албанските партии ќе бидат поделени во два блока; албанскиот опозициски блок и другиот блок обединети со СДСМ во чии рамки се ДУИ, Алијанса и новоформираните партии. Касами рече дека ДУИ создава фиктивни партии само за да се спаси од губење на гласачкото тело.

„Опозицискиот фронт има моќ да ја собори не само ДУИ, туку и сите партии во Владата и тука не станува збор за нашата моќ, туку за моќта на албанскиот глас. Албанците се уморни од ДУИ повеќе од 20 години на власт, со некои вазали кои во одредени моменти ја играа улогата на опозиција. Денес, за прв пат ова го признаваат и претставниците на Владата и некои партии создадени под диктат на ДУИ дека на овие избори ќе има два блока: блокот СДСМ-ДУИ и албанскиот опозициски блок“, рече Касами.

Касами го обвини поранешниот лидер на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, дека е лажен опозиционер, додавајќи дека Села се обидел со секоја коалиција и на крајот се предал на ДУИ.

„Не можете да го пречекате непријателот дома. Зијадин Села го прими Али Ахмети дома, тој му отиде дома кај него, а потоа го прогласи за убиец за 27 април. Станува збор за лажен опозиционер кој ја играл улогата на опозиција, но ѝ служел на ДУИ и продолжува да ѝ служи спасувајќи ја во најкритичните моменти и ќе продолжи да ѝ служи одејќи во предизборната коалиција со нив. Иако постојат гласини кои го негираат ова, јас сум многу сигурен дека Алијанса влезе во Владата за да оди на избори со заеднички листи“, додава Касами.

Говорејќи за измените на Кривичниот законик и наводната амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски, Касами рече дека ваквиот факт го прифатил и самиот лидер на ДУИ, Али Ахмети, кој признал дека во текот на преговорите за Владата во 2016-2017 година се зборувало и за помилување и спасување на Груевски од кривична одговорност. Во однос на интерпелацијата против државниот обвинител Љубомир Јовески, Касами рече дека иницијативата ќе ги стави на тест сите пратеници за да се види дали некој ги поддржува, според него, кривичните дела одобрени од шефот на обвинителството.