Oчекувам мнозинството на владината коалиција во Собранието да се зголеми со пратеници од опозицијата. Владата треба да продолжи со работата, но треба да има реконструкција, изјави синоќа Билал Касами, лидерот на Беса, новоизбраниот градоначалник на Тетово, кој во вториот круг ја победи противкандидатката од коалициската ДУИ, Теута Арифи.
Тој рече дека премиерот во оставка Зоран Заев не се консултирал со него пред да ја даде оставката. Во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 Касами истакна оваа Влада има мандат од изборите во 2020 година и треба да продолжи со работа, а додава и дека приоритет е интеграцијата во Европската Унија.
– Треба да има промени. Не сме сигурни дали ќе гласаме за сите министри на ДУИ, рече Касами.
Тој најави средба со Заев оваа недела на која ќе го пишмани за оставката.
-Ќе се сретнам со него оваа недела. Ние имаме договор со Заев, кој е претседател на СДСМ. Ние добивме мандат од граѓаните на изборите во 2020 година и имаме обврска да го продолжиме мандатот. Заев не се консултираше со партнерите во коалицијата пред да ја соопшти одлуката, посочи Касами.
Тој додава дека како претседатели на партиите во коалиција пред што и да претендираат, треба да се консултираат меѓусебе.