Уапсените за учество во нелегални спортски облози и организирање на незаконски покер игри, меѓу кои и звучни имиња од американската професионална кошаркарска лига НБА биле поврзани со мафијата „Коза Ностра“, изјави директорот на американското Федерално истражно биро (ФБИ), Каш Пател.
ФБИ вчера спроведе голема акција на територијата на Њујорк, при што беа уапсени триесетина лица под сомнение за учество во нелегални спортски облози и организирање на незаконски покер игри. Според информациите од истрагата, дел од уапсените се поранешни и актуелни имиња од НБА, меѓу кои и тренери и активни играчи.
– Овие лица се здружиле со „Коза Ностра“ и четири од петте големи криминални семејства во Њујорк за да создадат коцкарски империи, да ги ограбуваат луѓето, да изнудуваат пари од луѓе, да вршат акти на банкарска измама, да местат игри – покер игри и кошаркарски натпревари – само за да можат да заработат неколку долари плус. А потоа ја имале заштитата на мафијата во Њујорк и низ целата земја, за да можат да ја продолжат шемата за кражба на десетици милиони долари од невини жртви, изјави Пател.
ФБИ во истрагата, како што посочи, едноставно ги следела парите и е откриено дека и НБА е дел од шемата.
– Она што американскиот народ треба да го знае е следново: ФБИ нема работа да биде полиција за морал. Ние сме полиција и ги спроведуваме законите. Ако го прекршите законот, ние доаѓаме по вас, без разлика дали играте во НБА или сте тренер во НБА. И го правиме тоа затоа што тие извршија незаконски дела. Тоа нема никаква врска со легалното коцкање, туку има врска со оние на моќни позиции, на места како НБА, кои се вмешуваат во „Коза Ностра“ и вршат изнуда, измама, перење пари, банкарски измами и многу други злосторства, истакна Пател.
Тој не открива детали како бил откриен случајот, но најави дека истрагата и апсењата ќе продолжат бидејќи, како што наведе, ова е само почеток.
– Истрагата е во тек. Ако не сте направиле ништо погрешно или нелегално, нема за што да се грижите. Не можам да навлезам во природата на тоа како стигнавме до ова, но тоа се случува веќе некое време. Како што можете да замислите, откривањето на систем каде што буквално имаа скенери на покер масите, каде што буквално ги тераа професионалните спортисти во НБА да го напуштат теренот за да можат да се исполнат нивните пропозициони облози, е координирана шема со Коза Ностра и лицата што ги уапсивме денес. Тоа се случува веќе некое време. И ќе продолжиме да работиме на оваа истрага и на оние што беа уапсени за да се осигураме дека нелегалните империи за коцкање поврзани со Коза Ностра ќе бидат соборени – без разлика дали се во НБА или на друго место, вели директорот на ФБИ.
За критиките дека станува збор за одмазда од претседателот Доналд Трамп за левичарскиот активизам во НБА, Пател одговори дека тој е директор на ФБИ и тој одлучува кои апсења да се спроведат, а кои не.
– Таквите тврдења се можеби е најглупавата работа што некогаш сум ја слушнал од некого во модерната историја. Ние апсиме луѓе за криминал, изјави Каш Пател.
Американските медиуми денеска известуваат дека досега се уапсени 34 лица во врска со истраги поврзани со наводно нелегално спортско обложување и наместени покер игри поддржани од мафијата. Меѓу позвучните имиња од НБА се поранешниот кошаркар и актуелен главен тренер на Портланд Треил Блејзерс, Тери Розиер актуелен бек на Мајами Хит и поранешниот играч и тренер во НБА, Дејмон Џонс.
Овие тројца беа меѓу 34 лица уапсени во две сеопфатни – и сè уште тековни – истраги за наводно нелегално спортско обложување и наместени покер игри што се одржаа во Лас Вегас, Хемптонс, Њујорк и други локации. Според ФБИ, подземните покер игри биле поддржани од неколку мафијашки семејства.
Билапс и Розиер беа изведени пред суд и по сослушувањето се ослободени со кауција. И двајцата ги негирале обвиненијата.
Според обвинението, меѓу декември 2022 и март 2024 година, обвинетите биле вклучени во шема за измама на компании за обложување со обезбедување, добивање и користење на информации поврзани со НБА натпреварите, како и за организирање, местење или мамење во нелегални покер игри. Во целата шема вклучени биле и неколку мафијашки семејства, кои ги поддржувале игрите и собирале пари од приходите од коцкање, а ги користеле Билапс и Џонс како познати личности за да намамуваат нови „риби“ да учествуваат во наместените покер игри.




