Актуелниот градоначалник на Тетово и кандидат за втор мандат, Билал Касами, денеска пред членовите на Здружението на пензионерите истакна дека на почетокот од својот мандат го затекнал градот во хаос и дека не било работено за никого, туку само за тесен круг на интереси.

-На почетокот од мандатот, Тетово го затекнав во состојба на хаос. Не беше работено ниту за Албанците, ниту за Македонците, ниту за младите, ниту за повозрасните, ниту за било кој – беше работено само за еден тесен круг на интереси. Градот беше заглавен во долгови, со уништени улици и лоши јавни услуги, истакна Касами.

Тој нагласи дека денес Тетово е целосно променет и станал град кој се грижи за инфраструктурата, животната средина, културата, уметноста и спортот, како и за најранливите категории граѓани.

Касами посочи дека Владата и Општината покажале конкретна грижа за пензионерите со зголемување на пензиите за 7.000 денари во период од 15 месеци, што според него е нешто што никогаш претходно не се случило. Тој посочи и на проектот „Меѓуетничките средби на пензионерите“ што бил поддржан со буџет од 200 илјади денари.

Градоначалникот најави дека во вториот мандат ќе продолжат да ги реализираат мерките од програмата „Еден глас за Тетово“

-Ќе изградиме Дом за стари лица, ќе обезбедиме услуги кои им овозможуваат на постарите граѓани активен живот преку сервисот „Помош и нега во домот“, отворање на „Дневен центар за активно стареење“, финансиска поддршка за социјално загрозените категории и новата услуга „Личен асистент“ за лицата со попреченост, порача Касами.

Тој истакна дека јавниот превоз во Тетово ќе биде бесплатен за сите граѓани, нагласувајќи дека Тетово ќе се грижи за сите граѓани, без разлика на етничка припадност, вероисповед, возраст или социјален статус.