Се уште опстојувам во моето убедување за европска Македонија и со мојата одлука допринесов да имаме стабилно мнозинство во Парламентот без никакви политички кризи, изјави пратеникот Кастриот Реџепи за Фокус.
Тој додава дека „се наближува денот кога ќе добиеме датум за започнување на преговори со ЕУ, можеби уште во јануари“.
– Тоа значи дека ние сме стабилни и подготвени за решение со Бугарија. Имајќи предвид декa Советот на Европа испрати јасна порака дека со нетрпение очекува одржување на првата меѓувладина конференција помеѓу РСМ и Република Бугарија додавајќи ја изјавата на премиерот Кирил Петков дека ќе се залага силно за решавање на пречките помеѓу двете држави за веќе да нема блокади за нашата држава од бугарска страна се докажува дека е се поизвесно дека се наближува денот кога ќе добиеме датум за започнување на пристапни преговори. Јас како дел од мнозинството ќе дадам силен придонес тоа да се случи што поскоро, можеби веќе во јануари, вели Реџепи.
Реџепи е пратеникот кој се потпиша за пад на Владата на Зоран Заев, а на денот на гласањето во Собранието на Република Македонија не се појави и го спречи падот на Владата. По неколку дена изјави дека за таков чекор се одлучил бидејќи неговата сопруга слушнала на вести дека Македонија ќе добие датум ЕУ.