Илјадници поддржувачи на отцепувањето на Каталонија од Шпанија синоќа маршираа низ Барселона за да ја одбележат втората годишнина од одржувањето на забранетиот референдум за независност на шпанскиот регион.
Демонстрантите посетија и некои училишта, во кои пред две години упадна полицијата додека во нив се спроведуваше гласање.
„Не е заборавено, не е простено!“, извикуваа демонстрантите, од кои многумина носеа знамиња на Каталонија, алудирајќи на судирите меѓу гласачите и полицијата за време на референдумот.
Според проценките на полицијата, во демонстрациите учествувале 18.000 луѓе.
Собири се одржаа и во други градови низ Каталонија, која има 7,5 милиони население и каде сепаратизмот во изминатите десет години е во пораст.