Каталонскиот регионален парламент денеска усвои Резолуција со која на каталонската Влада и даде одобрување за продолжување на процесот за отцепување од Шпанија, иако Уставниот суд претходно предупреди дека таква резолуција е спротивна на шпанскиот Устав и би можело да има „кривични последици“.
На предлог на антикапиталистичката Кандидатура за народно единство (ЦУП) која бара веднаш да биде основана Република Каталонија, претседателот на каталонскиот парламент Рожер Торент, кој исто така е заговорник на независноста, одобри гласање.
Во текстот се спомнува „конкретно спроведување на правото на самоопределување“. За резолуцијата гласаа членките на коалициската Влада – Каталонска републиканска левица и Заедно за Каталонија, како и ЦУП, со што обезбедија 72 гласа од вкупно 135. Против беа партиите кои поддржуваат целовитост на Шпанија и тие воопшто не гласаа.
Резулуцијата не е правно обврзувачка, туку е повеќе симболичен потег со кој на каталонската Влада и се даваат „одврзани раце“ да продолжи на патот кон независноста.
На парламентарните избори во Шпанија, одржани во неделата, партиите кои се за независност на Каталонија освоија 47 отсто од гласовите и добија 23 пратеници. Партиите кои се за целовитост на Шпанија добија 25 пратеници, и тие ќе бидат народни избраници во шпанскиот парламент, кој има 350 места.
Каталонија со 7,5 милиони жители од 1978 година има своја влада, парламент, полиција и болници, а каталонскиот јазик е официјален во тамошните институции. Шпанската централна Влада во Мадрид управува со надворешната, одбранбената и фискалната политика.