Во јуни годинава падот на индустријата, како што соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС) изнесува 15,1 отсто, во однос на јуни 2019 година, или индексот на индустриското производство во јуни 2020 година, во однос на јуни 2019 година, изнесува 84,9.
Индексот на индустриското производство во јануари ‒ јуни 2020 година, во однос на истиот период 2019 година, изнесува 85,4.
Гледано по сектори, производство во Рударство и вадење на камен, во јуни 2020, во однос на јуни 2019 година, бележи опаѓање од 12,5 отсто, во Преработувачка индустрија падот е 14,6 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 22 отсто.
„Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: производство на тутунски производи, на текстил, на облека, на други неметални минерални производи, на метали, на фабрикувани метални производи, на електрична опрема и друго“, соопшти ДЗС.
Според главните индустриски групи, производството во јуни годинава, во однос на истиот месец лани, бележи опаѓање кај Енергијата за 24 отсто, Интермедијарните производи за 10,7 отсто, Капиталните производи за 22,5 отсто, Трајните производи за широка потрошувачка за 41,5 отсто и кај Нетрајните производи за широка потрошувачка за 8,2 отсто.