Научниците тврдат дека речиси три милијарди животни настрадале или ги загубиле своите живеалишта во катастрофалните пожари минатата година во Австралија.
Истражувањето покажало дека станува збор за една од „најлошите катастрофи за дивите животни во поновата историја“, предупреди Светскиот фонд за природа.
Во пожарите, кои минатата година ги зафатија речиси сите австралиски сојузни држави, загинаа најмалку 33 луѓе.
Цицачи, влекачи, птици и жаби угинаа во огнената стихија или поради тоа што останале без храна и живеалишта.
– Кога ќе помислите дека околу три милијарди локални животни се нашле на патот на огнот, тоа е многу, тој број тешко се разбира, изјави професорот Крис Дикмен, кој го надгледувал проектот изработен од десет научници од австралиските универзитети.
Владата во февруари идентификуваше 113 животински видови на кои им е потребна „итна помош“ по пожарите.
Речиси сите животни од листата загубиле околу 30 отсто од живеалиштата во шумите и на тревните површини во јужниот и источниот дел на Австралија.
– Коалите и кенгурите, птиците, рибите и некои видови жаби, се меѓу животните на кои им е потребна најголема помош, велат експертите.
Владата вети дека ќе издвои 50 милиони австралиски долари за заштита на дивите животни и обновување на нивните живеалишта.
Еколозите ги повикаа властите во Австралија да ги зајакнат законите за заштита на природата.