Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева од понеделникот е на условен отпуст и го напушти затворот „Идризово“, откако издржуваше дел од седумгодишната затворска казна изречена во предметот „Рекет“.

Како што информира директорот на КПУ „Идризово“, Зоран Јовановски, Јанева добила условен отпуст и во наредниот период ќе има обврска редовно да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје, сè додека казната формално не ѝ истече.

„Осуденичката Јанева доби условен отпуст и таа треба редовно да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје додека 7-годишната казна целосно не ѝ истече“, изјави Јовановски за СДК.

Јанева беше осудена на седум години затвор за злоупотреба на службената положба, при што во вкупната казна ѝ беше пресметано и времето поминато во притвор.