Со инвестиција вредна околу еден милион евра, обезбедена преку вториот јавен повик на Владата, денеска официјално беше пуштен во употреба целосно реконструираниот градски базен во Кавадарци. На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Реконструкцијата опфати целосна обнова на базенскиот комплекс, вклучувајќи нов систем за филтрација и пречистување на водата, реконструкција на големиот и малиот базен, поставување водни атракции и тобогани, детски реквизити, современо игралиште, обновени соблекувални, санитарни јазли, лекарска просторија, пристапни патеки и други придружни содржини.
Од Општина Кавадарци истакнаа дека новиот базен претставува модерен спортско-рекреативен комплекс кој нуди безбедност, удобност и забава за сите генерации и ќе биде една од најатрактивните летни дестинации во земјава.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, во изјава за медиумите изрази задоволство што по 40 години од изградбата, се реконструира овој објект. Со тоа, како што подвлече, Кавадарци добива еден најсовремен и комплетен рекреативен центар. Тој појасни дека станува збор за инвестиција, поддршка од Владата преку унгарскиот заем, комплетен грант за општина Кавадарци.
– Морам да изразам голема благодарност до премиерот и сите членови на Владата за ваквата поддршка. Се гради и затворениот базен – рече Јанчев.
Тој истакна дека е ова еден од најубавите јавни базени на јавно претпријатие на општина во државата и пошироко.
Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека Владата продолжува со инвестиции во спортската инфраструктура низ државата, со цел подобрување на условите за рекреација и развој на спортот.
– Чeститки до градоначалникот за уште еден успешно завршен проект. Ние како Влада, на чело со претседателот на Владата, покажуваме дека сме тука да градиме историја и нема да дозволиме да ги оставиме така како што беа, сите овие објекти коишто со години беа запуштени, како во конкретниов случај базенот. Ќе инвестираме во сè она што значи развој на спортот, во рекреацијата, да овозможиме што е можно повеќе дечиња, што е можно повеќе возрасни луѓе да се рекреираат, меѓутоа и да се занимаваат со здрав спортски живот, со тоа што ќе го подобриме и наталитетот на самата држава – нагласи Ристовски.
Тој му се заблагодари на претседателот на Владата за, како што рече, вложувањата во спортот и во капиталните инвестиции на територија на цела Македонија.
-Ние како Министерство покажуваме дека навистина сакаме да направиме нешто и да оставиме историја, а тоа е ваквите објекти, ваков тип на објекти, нема да дозволиме да пропаѓаат. Веќе од следната година имаме најави за многу повеќе проекти, многу повеќе реконструирани спортски сали, затворени базени, отворени базени, така да генерално ние сме фокусирани на развој на спортската инфраструктура затоа што навистина е тоа многу важно во нашата агенда. Сигурен сум дека во иднина ќе имаме уште повеќе објекти и уште поголеми проекти – рече министерот.
Премиерот Мицкоски, ја пофали инвестицијата и посочи дека овој спортско-рекреативен центар има регионално значење.
– Од целосно запуштен објект, што сведочеше на едно лошо време, денеска гледаме како добива смисла и добива содржина и многу сум среќен што можам да видам како нашите најмлади, дечињата, уживаат во ова коешто за нив го правиме во суштина – истакна претседателот на Владата.
Тој се заблагодари на градоначалникот, на пратениците кои доаѓаат од овој регион, советниците во Советот кои ја поддржуваат работата на градоначалникот, на администрацијата, сите оние кои се вклучени во овие проекти, на колегите од Владата, министерот за спорт.
– Навистина овој инвестициски бран има за цел да го видоизмени ликот на многу градови, многу населени места во државата. И јас сум убеден дека кога сето ова ќе заврши, а знаете не се малку, повеќе од 1.200 проекти се, ќе добиеме сосема поинаква Македонија, поразлична од онаа којашто ја наследивме од претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Така што, ние продолжуваме да работиме и продолжуваме да го исполнуваме ветеното, бидејќи тоа е нашата цел и тоа е нашата задача како политичари – подвлече Мицкоски. (МИА)




