Казахстан треба да ја замени „супер-претседателската“ власт со претседателска република со силен парламент, изјави денеска казахстанскиот претседател Касам-Јомарт Токаев, презентирајќи го планот за уставни реформи.
Во говорот во парламентот на централноазиската земја, Токаев предложи и промена на изборниот систем и формирање уставен суд. Токаев предложи да се воведе мешан, пропорционално-мнозински изборен систем во Казахстан за изборите за Долниот дом на парламентот, пренесува ТАСС. Во моментов членовите на Долниот дом се избираат по пропорционален систем со партиски листи.
– Предлагам да се премине кон похармоничен мешан изборен систем, во кој целосно се почитуваат правата на сите граѓани. Пропорционално-мнозинскиот модел подобро ќе ги одразува интересите на гласачите и на национално и на регионално ниво. Според новиот систем, 70 отсто од пратениците ќе се избираат со пропорционален систем, а 30 отсто со мнозински систем, прецизираше Токаев.
Тој исто така, рече дека предложил во Уставот да се внесе дека се укинува смртната казна во Казахстан.