Директорот на мексиканскиот медиум Монитор Мичоакан, Армандо Линарес, е пронајден мртов, еден месец откако еден од неговите новинари беше убиен, јави ДПА.

Линарес имал прострелни рани, а според Државното обвинителство, неговото тело е пронајдено вчера попладне во приватен стан во градот Зитакуаро. Тој е осмиот убиен новинар од почетокот на годинава во Мексико.

Властите соопштија дека го истражуваат случајот.

Кон крајот на јануари, колумнистот на Монитор Мичоакан, Роберто Толедо, беше убиен во Зитакуаро.

Тогаш, Линарес изјави дека вработени добиваат смртни закани со месеци, што тој го поврза со известувањето на медиумот за корупција.

– Разоткривање на корупција на влади, функционери и политичари, доведе до смрт на еден од нашите колеги, појасни Линарес по убиството на Толедо.

Репортери без граници го прогласи Мексико за најопасна земја за новинари во 2021 година, трета година по ред.

Според нивниот годишен извештај, седум новинари биле убиени минатата година поради причина поврзана со нивната работа во оваа северноамериканска земја. Авганистан се најде на втората позиција со шест убиства.

Во последните пет години, околу 50 новинари беа убиени во земјата. Најголем дел од случаите, останаа нерешени.