Противпожарната служба брои околу 18.800 припадници, што претставува зголемување за 800 лица во споредба со лани, додека воздушната флота со 85 воздушни средства е една од најголемите во Европа, посочи министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Јанис Кефалојанис во интервјуто за весникот „Документо“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пресрет на овогодишната сезона на пожари, надлежниот министер нагласи дека државниот механизам е „поподготвен, подобро координиран и позајакнат отколку во претходните години“.

-Сепак, овие бројки во никој случај не треба да бидат причина за опуштање. Ефикасноста не се мери само со бројот на средства или персонал, туку со степенот на подготвеност, координацијата и, пред сè, навремената интервенција, објасни Кефалојанис.

Додаде дека подготвеноста во цивилната заштита не е состојба која се освојува еднаш засекогаш, туку е „континуиран процес на будност и прилагодување“, но и дека во услови на климатска криза, никој систем не може да се смета за „доволен“.

– Од оваа перспектива, целта не е целосно избегнување на пожари, нешто што никогаш не било реално. Наместо тоа, поставивме две јасни цели: да ја ограничуваме површината и интензитетот на случаите на пожар преку превенција и навремена реакција и, пред сè, да го штитиме човечкиот живот, посочи министерот.