Јованка КЕПЕСКА

Во текот на мојот живот се одвија повеќе обиди, некои и успешни, да се провлијае на демократизацијата на општеството, а со самото тоа, и на неговиот сеопшт развој. Прв успешен резултат произведе повеќегодишниот ангажман во културата, значи, преку културните активноси со кои се надминуваше старото општество во СССР, да дојде до партиска осуда на сталинизмот на HH – тиот конгрес на КП на СССР. Во времето на Н. Хрушчов, на крајот на шеесеттите години.

Претходно, во шестата деценија од минатиот век веќе беше извршен погром над интелигенцијата во Унгарија која бараше демократски промени. Тогаш Унгарија ја доживеа својата општествена катастрофа губејќи ја, по затвори или во емиграција, својата 100 илјадна интелигенција.

Турбулентната 1968 година беше означена со огромни демонстрации во многу земји. Меѓутоа карактеристично е што се случи во Чехословачка и во СФРЈ.

Поради Прашката пролет, чиј водач беше Александар Дубчек, со инвазија на Варшавскиот пакт врз Чехословачка, имено, беа запрени реформите за либерализација и, наспротив, се зајакна авторитарното крило на КСЧ, така што пролетта пропадна.

Во СФРЈ, барањата изнесени во студентските демонстрации беа оценети, со 99%, дека се оправдани но, сепак, со 1%,  дека во нив се приклучени сили на Ранковичевство, на Ѓилашовштина, на анархизам, на атикумунизам, на реакционерство, на странски влијанија, на идеализам, на, на, на… до 101 и назад. На крајот излезе коњица во ул. Кнез Михајлова за да ги растера демонстрантите.

Бев учесник на демонстрациите на Факултетот за политички студии во Белград, како студент на последипломски студии, каде недела дена професорите манифестираа примена на сопствените предавања за демократска процедура и расправа во широката дебата за општествените прашања за да се отвори општеството за промени и развој. Јасно, дојде петокот, за да бидат прекинати демонстрациите.

Ние го имаме, денес, обидот за промени и надраснување на општествената состојба кај нас. Да не дозволиме да се сруши и оваа „пролет“ како и претходните обиди. И да не ја даваме нашата пролет. Дотолку повеќе што обидот за да се угуши не се тенковите, солзавицата, коњицата, туку дека нападот е со, се чини, празните, фишеци.

Да појаснам. Апсолутно е потребна критика. Добро е таа да биде конкретна или релативна. Но, што е она што, секако, во критиката мора да биде содржано, е осознаеноста (научна или, ако сакате, теоретска) за проблемот за кој станува збор. Без тоа мислата останува слаба и не надраснувачка. Затоа оваа битка устремена наспротив нашата можност за напредок, со, се чини празни, фишеци, мора да се засече во корен, брзо, а тоа е со мисла која е севкупно исполнета со суштина. Та, нели, интелигентен човек ги зема сите, или најмногу, моменти при сознанието. За да не се наштети додатно на тешкотиите во овозможувањето на напредокот.