Јованка КЕПЕСКА

На денешен ден – 26 јануари 1946 година – излезе од печат првата македонска Граматика. И тоа е нејзиниот роденден.

Првата македонска Граматика се создаде во првите години на слободен национален, политички, економски и културен развиток на македонскиот народ.

Со решението на АВНОЈ во Јајце 1943 година беше решено македонскиот народ како рамноправен и самостоен да стапи во ФНРЈ. Со решението на АСНОМ од 1944 година, пак, македонскиот народ и формално и официјално можеше да се служи со својот македонски јазик.

Сите општествени напори се насочени кон изградба на литературниот јазик. Обнародени беа колективните трудови, азбуката и правописот, приопштена беше и првата Македонска граматика, како индивидуално дело од Круме Кепески, со што се означија основите на македонскиот литературен јазик..

Тоа беше време кога веќе се организира широка училишна мрежа на целата, ослободена од фашистите, територија. Училиштата почнаа со настава на македонски јазик. Учителскиот, наставничкиот и професорскиот кадар беше малоброен. Само 360 основни учители и 93 професори со оформено стручно образование беа вклучени во образованието, но тие почнаа со полн жар и елан да ја изведуваат наставата на мајчиниот јазик во нашите училишта.

Првите чекори за популаризирање на нашиот јазик и во развитокот на сопствената култура се правеа истовремено преку печатот, т.е. листовите „Нова Македонија“, „Млад борец“ и списанијата „„Македонка“, Илинденски пат“, „Народен војник“ и со живиот македонски збор преку брановите на Радио Скопје, како и преку народниот театар во Скопје и преку делата на нашите млади писатели.

Во такви околности особено се чувствуваше големата потреба од граматика на македонскиот јазик, која ќе им овозможи на нашите луѓе во Македонија да го научат својот јазик.

Сфаќајќи ја насушната потреба во дадениот историски момент и сакајќи да му помогне на својот народ, Круме Кепески се зафатил со пишувањето на првата македонска граматика и на неа работел седум-осум месеци, т. е. од февруари до август 1945 година.

Кога се прокламирала македоската азбука на 5 мај и се усвоил македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година, брошурка од 20 страници, работата му била олеснета. Ги видел нормите на македонскиот литературен јазик, го сообразил она што го работел пред неговото оформување и ги внел термините. На крајот на летото, поправо во средината на август 1945 година, го привршил граматичкиот материјал, така што Граматиката е ставена во печат во Ниш есента и е објавена на 26 јануари 1946 година во издание на Државното книгоиздателство на Македонија, на 80 страници.

„На идеја да правам граматика дојдов сам“, ќе рече Кепески, „Не беше тоа некоја директива како што имаше за други работи. Работев на некој начин тајно. Единствени што знаеја дека пишувам граматика беа Љубен Лапе, тогашен помошник за просвета, и Крум Тошев, и двајцата мои пријатели од детството и од студентските денови. Овие луѓе ми дадоа не само колегијален поттик туку, со оглед на општествените функции што ги вршеа, го пренесоа и општествениот поттик на сеопштиот општествен и национален ентуазијазам. Пред себе имав уште една голема подршка: Решението на АСНОМ по кое „се заведуе македонскиот јазик како службен во македонската држава“.

Извонредните придонеси во јазичната сфера во годините по ослободувањето лежат врз заложбите на веќе создадената македонска интелигенција во годините пред Втората светска војна, на која ѝ припаѓа Круме Кепески.

 

Мислата за да се нафати со пишување граматика на македонскиот литературен јазик кај Круме Кепески, имено, тлеела уште пред ослободувањето. А тој со години врши граматички истражувања, пред сè, на прилепскиот и на битолскиот говор. На таков начин ја запознал граматичарската структура на еден од говорите, кој стана основа на нашиот литературен јазик и е иста и слична и во другите централни говори. На почетокот на 1941 година Круме Кепески пристапот го оформува во трудот „Прилепскиот говор“ создавајќи ја граматичката структура на прилепскиот говор.

Факт е дека тогаш малкумина знаат за книгата на Крсте Мисирков – „За македонцките работи“. Круме Кепески, сепак, истовремено и независно од Мисирковиот став, со своите студентски другари В. Сапунџиев, К. Тошев и други го брани стојалиштето за прилепско-битолскиот дијалект како за идна основа на нормираниот јазик.

Јованка Кепеска

Во педесеттите години од минатиот век имало идеја и обиди да се напише на црковен руско-словенски јазик граматика. Така, Партенија Зографски напишал граматика, но од Бугарската егзархија со седиште во Цариград било попречено нејзиното издавање. Вакви обиди правеле и Кузман Шапкарев, Димитар В. Македонски и Ѓорѓи Пулевски. Во годините од 1869 до 1871 учителот Венјамин Мачуковски, родум од село Мачуково, Гевгелиско, „се токмел да состави македонска граматика“. Имал замисла да издаде македонска граматика, и тоа на гевгелискиот говор. Во 1872 година тој дал дури и оглас во Цариградскиот весник за претплата на граматиката која како ракопис ја употребувал во учителската практика. Граматиката не ја објавил бидејќи го спречила Бугарската егзархија, истоветно.

А токму третиот претходник за пишување македонска граматика е македонистот Ѓорѓи Пулевски, кој во својот „Речник од три јазика“, издаден 1875 година, предлага „да се соберат од сите македонски краишта људи учени, који го познаваат јазикот мајкин чисто“ и „тие да создадат граматика“,„пак да остане како света таја книга за сите шкоља, а и за други книги писање“. Тој ја создава граматиката за трето одделение на македонски народен јазик, „Слогница речовска“.

Подоцна, во почетокот на 20 век, како што наведува самиот Круме Кепески: „Крсте Мисирков во својата книга ‘За македонцките работи’ му дава првостепено значење за Македонците на литературниот јазик. Во својот литературен јазик, вели тој, македонскиот народ ќе може да се ослободи од „мрежите на очите“ што му ги ставаат пропагандите и хегеномистите. Во својата книга Мисирков покажа, односно даде образец како треба да се пишува на литературен македонски јазик. Како што е познато, тој го определи централното македонско подрачје, односно прилепско-битолско-велешкиот народен говор како основа за литературниот јазик“.

Првата Македонска граматика како историско првенче од тој вид и, со оглед на моментот на насушната потреба од неа, претставува голема национална и културна придобивка и изигра мошне важна општествена улога. Ја пополни онаа празнина што се чувствуваше од учебник по граматика на македонскиот литературен јазик во нашите училишта и кај сите наши луѓе што сакаат да го научат својот литературен јазик.

Со решение на Министерството за народна просвета на Македонија, од 24 јануари 1946 година оваа граматика беше одобрена за учебник во средните училишта.

Иако намената на граматиката беше за изучување во средните училишта, таа стана општонароден учебник.

Интересирањето за првата Македонска граматика беше толку големо што тиражот од 16 илјади примероци за кусо време беше исцрпен и се наложи брзото излегување, во 1947 година, на второто издание на оваа граматика, а третата е излезена 1950 година.

Примероци од Граматиката беа испратени во разни краишта на светот, на наши сонародници во странство, библиотеки и научни установи.

Мошне тешко било да се оствари ова пионерско дело, ќе рече авторот, бидејќи традиција во граматичарското дело дотогаш немаше.

„При пишувањето многу ми помогна моето поранешно иследување на прилепскиот говор. Го бев проучувал говорот на прилепскиот крај уште во бивша Југославија; трисложниот акцент, како и трисложниот член, што се употребуваат во прилепскиот говор, кои на ист начин се јавуваат и во поголемиот дел од централните говори, ми ја олесни работата. Но требаше подробно да се проучи како точно се употребува членот со именки и други именски зборови.

Потоа страшно тешко беше да се иследат глаголските форми и нивната употреба. Да се одредат карактеристиките на употребата на минато определените и на неопределените времиња. Да се определат формите кај именките, придавките и заменките. Да се определат три вида множина кај именките и нивната употреба“. „Со Крум Тошев ја разгледавме партијата придавки. Тој ми укажа и други забелешки. Сето тоа ми даде поткрепа да истрјам во работата“, укажува Кепески.

„Си припомнувам дека при уводниот дел гледав да бидат и имињата и говорот жив, македонски. Долу под лекцијата поставив прашања за синтеза на изнесеното. Потоа следуваа заклучоци“.

„Тоа беше време кога, освен што излегуваа весниците „Нова Македонија“ и „Млад борец“, немаше печатени книги на македонски јазик, па во Граматиката бев принуден да ја земам народната приказна „Јагленарот и мечката“, на која ги покажав правилата на македонскиот акцент“.

Интересирањето за првата македонска Граматика беше огромно не само во Македонија туку и во рамките на тогашната федеративна држава и во странство. Ваквиот интерес за граматиката е сосема разбирлив бидејќи во тогашната заедница и во странство постоеше желба преку граматиката да се види и да се запознае јазикот на неодамна признатиот народ, кој имал своја азбука уште од Кирил и Методиј и им ја дал на сите словенски народи, а самиот дури по долговековнии крвави борби продолжи да ја гради сопствената култура на својот литературен јазик.

Рецензија за неа напиша словенечкиот славист Макс Робич во почетокот на февруари 1946 година во љубљанскиот лист „Порачовалец“, во која констатира дека тоа е мала, но значајна книга за македонскиот народ.

Нагласува дека дотогаш во Македонија немало традиција во издавање граматика, па затоа овој труд е позначаен, а доаѓа во право време. Човекот што прв се зафатил со тој толку важен национален проблем имал макотрпни усилби да го совлада материјалот и да даде синтеза на него“.

Макс Еобич укажува на структурата на Граматиката дека: „Откога го проследува материјалот на Граматиката, прави етимолошка анализа на јазикот од Кирил и Методија и на подоцнежниот развиток, па сè до моментот на ослободувањето на Македонија, односно кога и Македонците добија легитимно право на свој народен јазик, ја изнесува материјата од фонетиката, морфолошките форми, градбата на зборовите, членот и акцентот“. Притоа славистот Робич е мошне изненаден од големите можности за искажување на македонски јазик, со конструкцијата на речениците. што не е, како што вели, случај со другите словенски јазици. при што укажува дека најстар словенски писмен, односно литературен јазик. е оној што во втората половина на деветтиот век го создале словенските апостоли, солунските браќа Кирил и Методиј, што го знаеме од најстарите зачувани книги, глаголски и кирилски ракописи, кои датираат од крајот на десеттиот и од почетокот на единаесеттиот век и дека Кепески особено нагласува оти основата на тој литературен јазик го образува говорот на Словените од околината на Солун и од самиот Солун.

Макс Робич укажува уште дека „од тоа време до денес македонскиот јазик мошне се изменил по својата гласовна и зборовна структура, а особено во формите. Сега литературнот јазик има 31 глас и исто толку букви и дека во македонскиот литературен јазик се пишува со кирилица. Дека начинот на пишувањето главно е фонетичен (по изговорувањето) и дека во тоа се разликува од словенечкиот и од бугарскиот, кои имаат етимолошки начин на пишување.

Споредувајќи го, пак, обликот на македонскиот јазик, треба да се напомене само тоа дека нема вистинска промена на именките и другите имиња (освен некои остатоци кај заменките). Дека промената ја надоместува врската на именки со предлози, то ест дека има аналитички начин на искажување. Македонскиот јазик има член секогаш задименичен (постпозитивен), то ест на крајот од именката и именските зборови. А што се однесува до акцентот во литературниот македонски јазик, важно е да е знае тоа дека тој кај двосложните зборови е на вториот слог, кај трисложните и повеќесложните зборови и кај зборовните целинки секогаш е на третиот слог“.

Советскиот славист Сергеј Бернштајн, во органот на Академијата на науките на Сојузот на Советските Социјалистички Републики, 1948 – број 4, со наслов „Македонски јазик“, дава белешки за македонскиот литературен јазик и зборува за особините на македонскиот јазик и за неговото место меѓу другите словенски јазици третирајќи го како рамноправен член на јазичното семејство на словенските јазици.

Позитивни оценки за македонската Граматика во списанието „Региналд“, Лондон 1951 – HH, страница 737, дава и англискиот славист Региналд де Бреј, кој, меѓу другото, вели: „По иронијата на историјата, народот чии прадедовци им го дадоа на Словените нивниот прв литературен јазик беше последен кому му беше признаен неговиот современ јазик како одделен словенски јазик, поинаков од соседните – српскохрватскиот и бугарскиот“.

Чехословачкиот славист Фринта А, во списанието „Славија“, HH, еден до два број, 1949 година, страници 230 до 232, го регистрира излегувањето на македонската Граматика со наслов: „Македонска граматика, Скопје 1946 – Круме Кепески“, како и францускиот славист Андре Вајан, кој во „Ревија на словенските јазици“, датиран 1948 година, зборува за македонската Граматика. Се искажа и германскиот славист Шмит од Јенскиот универзитет и други.

Славистот Хораст Ланд во Соединетите Американски Држави на англиски јазик напиша македонска граматика (во 1952 година) за студентите по славистика на американските универзитети како одглас на Македонската граматика.

Она што е направено со првата „Македонска граматика“ е санкционирање на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите, како што ќе рече нејзиниот автор, професорот Круме Кепески. Имено, „во Граматиката е јасно покажано оти македонскиот јазик се разликува и фонетски, и морфолошки, и синтаксички од соседните јазици, од српскохрватскиот и бугарскиот, и оти има своја посебна структура, која е поставена уште со формирањето на македонскиот народ, а подоцна понатаму се развива. Како таков јазикот посведочува за нашата национална самобитност, при што никакви извртувања и фалсификати, задоени со хегемонистички идеи, не ќе може да ја скријат вистината за македонската дејствителност“. (Круме Кепески, 1976 год.).

Националната библиотека, со објавувањето на фототипното издание на првата Македонска граматика од Круме Кепески, на јавноста ѝ овозможи одново да се сретне со еден од историските придонеси во развојот на македонскиот литературен јазик по ослободувањето и создавањето на државноста на Македонија.