Јованка КЕПЕСКА
Како последица на манипулацијата на политичките елити и заради ефекти во јавноста се превидува дека постои заедничка историја на Македонците и Бугарите, е тезата со која, неодамна, на една национална телевизија, настапи бугарскот историчар Иван Динев Иванов. А, како пример За заедничка историја ја предочи идентичната состојба во Македонија и во Бугарија од времето на верската јурисдикција на Егзархијата, што значи од крајот на 19 век и на почетокот на 20-тиот век. Односно, за дејствителноста и функционирањето на општеството, истоветноста на институциите кои постоеле, погледите во процесот на формирањето на бугарската национална свест, интеракцијата на идеите, вклучувајќи и проицирање на идеите од сферата на македонската национална свест како заеднички идеи, и подразбирањата на бугарскиот јазик. Луѓето се идентификувале како Бугари а јазикот како бугарски. Па оттаму и идентификација со одликите на општествените и културни претпоставки, искажани и во образованието.
Ова укажува на постоење на паралелизам при проекциите на националните идеи, од една страна, на Бугарите и, од друга, на Македонците. Оттаму, тврди Иванов, потребно е да се надмине манипулацијата од политичките елити дека немаме заедничка историја и да престанеме да одбиваме и прифатиме дека Гоце Делчев се сметал и изјаснувал за Бугарин како што и Илинденското востание било и бугарско.
Понатаму се тврди дека поради сето ова се наметнува заклучокот дека е потребно да се примени мултиперспективност во историскиот пристап. А оттаму и двојноста на идентитетот на Гоце Делчев и на Илинденското востание, како бугарски и македонски и потребата за нивно заедничко одбележување. И дека тоа би бил новиот пристап кон историјата која е заедничка поради реалноста која постоела, тврди историчарот.
Нешто на што не упатува и приодот во ЕУ за мултитиперспективна концепцијата каква што е застапена, на пример, во музејот во Брисел.
Свеста за тоа што е народот се постигнува со науката. За релацијата на создавањето на македонската нација научниот приод (главно во историјата, лингвистиката, политичката теорија) се гради токму во периодот од 19/20 век на што и наведените идеи се однесуваат. Науката за процесите во развојот на народот не само што ги претпоставува туку врши критика на политичките претензии и инструменти што се спроведуваат преку верските организации и образованието во овој период. Што значи дека науката ги разобличила обидите да се наметнуваат настојувања од најразличен вид одвојувајќи ги од вистинските процеси во создавањето на македонскиот народ. А научните наоди само со аргументи се надминуваат. Затоа што во науката постојната содржина на таков начин ја надминува ограниченоста.
Она што во однос на духовната автономија (во целосна смисла) во Македонија во науката е утврдено и на што укажуваат фактите, е дека образованието и во егзархиски услови е задржано како македонско. Училиштата биле раководени од училишни одбори од македонските еснафи. Тие ги финансирале училиштата. Егзархијата ги назначувала само директорите. Јазикот кој се користел бил народниот, значи, македонскиот. Да се потсетиме на дејствувањето на учителите кои учествувале во тоа време какви што биле Димитар Миладинов и други кои не само што самите предавале на народен јазик туку и ги советувале и другите учители наставата да ја изведуваат на народниот јазик, значи на македонскиот јазик. Има многу извори кои укажуваат на македонската преродба но ќе наведеме еден: „Културно-просветното дело во Прилеп“ , „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, 2023 година а работено според: Јо. Х. Василевиќ – „Прилеп и неговата околина“, Белград, 1907; Н. Т. Еничеров – „Воспоминанија и белешки“, Софија, 1906; Г. Трајчев – „Спомени од моето 40-годишно учителство“, Софија, 1930.
Да се потсетиме на отпорите и постапките што се поврзани со укинувањето на Охридската архиепископија и тоа да се надмине.
А тоа значи дека македонска свест постоела! Дека опстојувала и во образованието, културата пошироко и дека науката ги разрешила проицираните игри за искривување на фактите во своето време но и од денешен агол.
Културни влијанија постојат, секако, но таквите не градат одвоен национален идентитет. Она на што се асоцира, дека Алзас и Лорена имаат и француски и германски идентитет, оттаму претставуваат основа за создавањето на Европската Унија, се однесува на културниот идентитет што е различно од национален идентитет. Ваквата асоцијација не може да биде споредлива со македонскиот национален идентитет кој е неподвоен. Оттука нема научната оправданост за мултиперспективноста во историскиот приод кон македонската нација. Во науката, имено, нешто се тврди или се побива.