Јованка КЕПЕСКА

Надвор од тоа што македонската јавност не беше вклучена во расправата околу т. н. Француски предлог и беше претставено дека Бугарија постапила со чекор напред за членството на Македонија во ЕУ, сведувајќи го на барањето за внесувањето на Бугарите во нашиот Устав, како малцинство, никако, не станува јасна принципиелноста на барањето. Имено, признавањето на малцинствата се нормирана практика во ЕУ со две конвенции и заложбите за признавање на малцинствата се демократски. Но, поставувањето на ваквото барање од страна на Бугарија и, со договорот и од ЕУ, како исклучителен услов пред отпочнување на преговорите за пристап кон ЕУ, е нејасно дотолку што Македонија ги почитува малцинските права на сите, како и оние кои не се изрично наведени туку само како други. Се поставува затоа прашањето што токму лежи зад ваквото барање од Бугарија. Дали и на уставен начин бара инфилтрирање во политичкиот систем како конститутивен народ на државата дотолку повеќе што не е автохтон народ во неа? А веројатноста дека е таквата замислата се наметнува како намера со оглед на донесените Резолуција и Декларација со кои се негира посебноста на македонскиот народ. На таков начин ова станува тактички чин на големата бугарска стратегија.