Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека не е точно оти има пратеници од владејачкото мнозинство, односно од СДСМ, кои се против уставните измени. Според него, тоа што го кажува опозицијата нема реална основа. Процесот на устави измени, вели Ковачевски, не може да биде процес на уцени и на дневна политика, туку тоа треба да биде процес на широк, општествен и политички консензус.

– Прво нема да ги коментирам ставовите на опозицијата. За нивните ставови ќе ги прашате нив. Тие имаа во декември и во јануари до средината на февруари изјави дека имаат 61 пратеник во Собранието и дека реконструкцијата која што јас ќе ја поднесам нема да помине. Сите се уверивме дека таа реконструкција помина со зголемено парламентарно мнозинство кое што сега е 65 пратеника. Што значи дека тоа што го кажува опозицијата нема никаква реална основа. Тоа е единствено одговор на промашените тези коишто ги имаа токму коишто ги кажав и немајќи сега што да кажат велат дека сега има други пратеници. Тоа не е точно, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на уставните измени, премиерот Ковачевски рече дека овој процес не може да биде процес на уцени и на дневна политика, туку напротив овој процес треба да биде процес на широк, општествен и политички консензус кој нема да биде предмет на дневни прес-конференции.

– Второ, во однос на уставните измени јас ќе го повторам тоа што сум го кажал и досега. Уставните измени се обврска на секоја политичка партија која што е за зачленување на нашата држава во ЕУ. Амандманите коишто се дел од преговарачката рамка и коишто се дел од одлуките кои треба да се донесат со две третини во Собранието се само една од одлуките кои се носат со двотретинско мнозинство, рече Ковачевски.

До зачленување во ЕУ, како што повтори премиерот, на нас ни претстои реформа на правосудниот, обвинителскиот систем, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата и се тоа се одлуки коишто се носат со две третини.

– И затоа овој процес не може да биде процес на уцени, не може да биде процес на дневна политика, туку напротив овој процес треба да биде процес на широк, општествен и политички консензус кој нема да биде предмет на дневни прес-конференции. Такви примери сме имале во други држави во Хрватска, во Словенија коишто исто така носеле тешки одлуки при зачленување и до зачленувањето во ЕУ. Но, доколку и нив ги прашате тогаш и тие ќе ви кажат дека тие прашања не биле дел од секојдневната политичка дискусија која што се водела во нивото општество, туку напротив, тоа било нешто што државите го направиле и станале земји членки на ЕУ, рече Ковачевски.