Јованка КЕПЕСКА
На самиот почеток од наредната година се навршуваат 80 години од првата Македонска граматика од Круме Кепески. Чин од сеопшто македонско национално значење оттаму и како на историски чин. Што непосредно следи со одбележувањето на 80 годишнината од прогласувањето на македонската азбука и обнародувањето на правописот, оваа година.
Онака, како што и Хегел рекол, како и кај другите народи кои во својот развој, изучувајќи го јазикот односно осознавајќи ги неговите законитости, а кои стремат кон создавање на своја граматика, така и кај македонскиот народ се јавува Македонската граматика од Круме Кепески, во јануари, 1946 година.
Секако резултат на еден севкупен научен процес, карактеристичен воопшто во новиот век, и кај нас да се јават, како идеи и обиди, за да се создаде граматика.
Ако притоа кодификацијата значи нормирање, односно презентирање на законитостите на јазикот, тогаш институциите на ослободената Македонија 1945 година единствено имаат заслуга во слободното обзнанување на јазичната кодификација.
Во првата Македонска граматика од Круме Кепески, додатно, научно се изучени трисложниот акцент, како и тројниот член, употребата на членот со именките и со другите именски зборови, се проследени глаголските форми и нивната употреба, се определуваат карактеристиките на употребата на минато определените и неопределените времиња, формите кај именките, придавките и заменките. Определени се трите видови на множина кај именките како и нивната употреба. Применет е индуктивниот научен метод.
Првата граматика, авторот сакал да ја состави по аналитичка метода и, секако, во поголем обем, но поради недостиг на времето и немање на отпечатени текстови од литературата на македонски јазик, преку кои би се илустрирал материјалот, бил принуден да се послужи само со фрагменти од народниот фолклор. Иако, токму ваквиот пристап и ставот за народот на почетокот на граматиката, подлегнале на критика од страна на претставник од политичката номенклатура, тој како да не ја разбрал релацијата на јазикот и нацијата, очигледно претпоставувајќи ја тогаш веќе етаблираната комунистичка теорија дека само врз литературен јазик се создава македонската култура.
Во исто време, Македонската граматика беше пречекана со научен интерес за македонскиот литературен јазик и прикажана од повеќе слависти во светот. Во својата покасна рецензија на Граматиката, во 1996 година, проф. д-р Лилјана Ѓуркова, придонесот на оваа Граматика ќе го наслови реално со „повеќе од учебник“. А словенечкиот славист Макс Робиќ ќе ја означи Граматиката „прва од ваков вид и поучна“ (1946) за македонскиот јазик и народ.
Проф. д-р Лилјана Ѓуркова, покрај означувањето на целосното значење на Граматиката, ќе укаже дека јазичната терминологија што Круме Кепески ја внел во Граматиката, останала непроменета во примена, до денес.
Граматиката доживува второ (1947) и трето, проширено издание (1950). Граматиката беше рецензирана од сите најпознати светски слависти, покрај од Макс Робич (1946), од чешкиот славист, А. Фринта (1949), од англискиот слависта Региналд де Бреј (1951), од францускиот слависта Андре Вајан (1948), од Сергеј Бернштајн (1948) и други, како и од македонските јазични познавачи како Леов, Крум Тошев и други.
Одгласот беше таков што славистот Хораст Ланд во Соединетите Американски Држави, на англиски јазик напиша македонска граматика (1952) за студентите по славистика на американските универзитети.
Сите критики и одговорите на критиките се објавени во книгата „Книга за Круме Кепески“, „Просветно дело“, 1999 година.
Искрените пријатели се радуваа на оваа голема придобивка за македонскиот народ, а разните инспиратори на територијата на Македонија пак ја проследина и запознаа од љубопитство, ќе рече Круме Кепески.
Интересот за првата Македонска граматика беше толку големо што тиражот од 16 илјади примероци за кусо време беше исцрпен и се наложи брзото излегување на второто издание. Граматиката е печатена во Ниш.
Примероци од Граматиката беа испратени во разните краишта на светот на нашите сонародници, библиотеки и научни установи.
И иако намената на Граматиката беше за изучување во средните училишта таа стана општонароден учебник.
Интересот за Македонската граматика е сосема разбирлив бидејќи, во земјата и во странство, постоеше желбата, преку првата Граматика, да се запознае јазикот на скоро признатиот народ, кој имал своја азбука уште од Кирил и Методиј и ја дал на сите словенски народи, а самиот по долговековни крвави борби почнува односно продолжува во ослободената татковина да ја гради сопствената култура на својот литературен јазик.
Севкупно, треба да се нагласи дека првата Македонска граматика од професорот Круме Кепески го даде својот голем придонес како за ширењето на нашата просвета и култура, така и за афирмација и популаризација на нашата нација и нашиот литературен јазик, во земјата и во странство. Притоа, едноставно, создаде ред, во повоениот период, во употребата на јазикот и тоа, не само во просветата, туку и широко.
Првата Македонска граматика била, граматички, нормативна основа на сета научна, просветна и уметничка литература, како и на општата говорна култура како и на говорната култура во рамките и на овие дејности. Нешто што е, во извесна смисла, во научните истражувања и оценки, оставено по страна. Целосно, научниот приод кон првата Граматика, малку се јавува како тема на научни собири, докторати и на друга продукција. На таков начин изостанува продлабоченото сознание и пројавениот интегритет при проучувањето. Дотолку повеќе што постхумно се објавени седум книги од творештвото на Круме Кепески; направена е, и објавена, библиографија како што се и евидентирани, архивски, 1540 артефакти од интелектуалната оставина.
Не се научно апсолвирани четирите критики по второто издание на Граматиката, првата од записничар, новинар, со евидентно слабо познавање на литературниот јазик, на еден, во тоа време, студент по македонски јазик, и на критиката за пристапот во Граматиката кон падежите во македонскиот јазик на која и не било прифатено авторот да го објави, во истото гласило, својот одговор. Затоа овие критики и одговорите на авторот, има потреба, во најскоро време, да ги објавиме во јавноста. Преседан е, при одбележувањето на годишнините на македонскиот литературен јазик, Граматиката да не биде споменувана, впрочем како и во Историјата на македонскиот јазик од Блаже Конески, во статусите на енциклопедиите во изминатиов период од страна на истурени одделенија во Македонија.
Така што, приодот кон оценката на придонесот, како да не е само лингвистички, туку како да има и потреба од пристап од аспект и на поширок општествен контекст кој од научен аспект на социјалната теорија не може, исто така, да се пренебрегне. Дотолку повеќе, што е евидентно дека во после АСНОМ-скиот период, се јавуваат теоретски или идејни разлики во приодите кон општествениот, оттаму и во културниот развој, и се отсликуваат и во однос и на создадените дела и на нивните автори.
А присутни се и денес, исто така, и како ехо. И во апсурдни конструкции и девалвации на некои дела и на нивните автори, за што, без да се спушти интелектуалното ниво, не може да се говори.
Претстои одбележување на 80 годишнината од првата Македонска граматика од Круме Кепески која со оглед на значењето што го има, како граматика, во нормирањето, значи во кодифицирањето на македонскиот литературен јазик, е од општонационален карактер. Го претпоставува покровителството на највисоките национални институции и на претставниците на нацијата. Поради што се очекува одбележувањето да биде национално репрезентно и со чест како и не само со одбележување на едно место.
Кога академик Цветан Грозданов беше претседател, МАНУ заедно со Институтот за македонски јазик, ја одбележаа 70 годишнината на првата Македонска граматика, во 2016 год. Можеме да очекуваме дека поводот 80 години од излегувањето од печат на првата Македонска граматика ќе биде истоветен во МАНУ за одбележување.
Останува со радост и признателност да се посветиме на одбележувањето на 80 годишнината од првата Македонска граматика од Круме Кепески.




