Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера се сретна со секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, на кого му вети безусловна поддршка за рускиот став кон Украина и други меѓународни прашања, јави денеска КЦНА.

– Ким Џонг Ун потврди дека владата на Демократска Народна Република Кореја и во иднина безусловно ќе го поддржува ставот на Русија и нејзината надворешна политика, се наведува во извештајот.

Ким, наводно, рекол дека Северна Кореја одговорно ќе ги почитува одредбите од договорот меѓу двете земји. Двајцата функционери разговарале и за зајакнување на сеопфатното стратешко партнерство и меѓусебната соработка во различни области.

Договорот беше потпишан за време на минатогодишната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг и неговата средба со севернокорејскиот лидер Ким, а вклучува и пакт за меѓусебна одбрана кој предвидува итна воена помош доколку која било страна биде изложена на вооружена агресија.

Фото: ЕПА