Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и претседателот на САД, Доналд Трамп одлучија да ги продолжат продуктивните разговори со цел решавање на проблемите, за кои дискутираа на самитот во Ханој, а во рамките на напорите за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и револуционерниот напредок во односите на двете земји, објави синоќа севернокорејската новинска агенција КЦНА.
– Двајцата лидери имаа конструктивна и искрена размена на ставовоите за практичните прашања со цел отворање на нова ера во унапредување на меѓусебните односи, истакнува КЦНА.
Трамп и Ким, според севернокорејската агенција, „увидоа дека напорите и проактивните мерки, што двете страни ги презедоа поради намалување на тензиите и постигнување на мир, беа исклучително значајни за унапредување на меѓусебната доверба и оти суштински се менува недовербата и непријателскиот однос, кој со децении постои помеѓу двете држави“.
– Двајцата лидери соопштија дека нивниот втор состанок во Ханој беше важна можност за изградба на доверба и подигнување на односите помеѓу двете земји на следно ниво, посочува КЦНА.
Вториот самит Трамп – Ким вчера беше прекинат без да се постигне договор, а американскиот претседател изјави дека тоа се случи откако Северна Кореја побарала целосно укинување на санкциите во замена за затворањето на нуклеарната постројка Јонгбјон.
Во вчерашното соопштение на севернокорејската делегација во Ханој се наведува дека Северна Кореја за време на средбата меѓу Трамп и Ким предложи да го демонтира својот нуклеарен комплекс Јонгбјон во замена за делумно укинување на санкциите.
Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Џонг-хо истакна дека Пјонгјанг дал „реален предлог“ на самитот. Тој ги демантира тврдењата на Трамп дека Северна Кореја побарала повлекување на сите санкции, кои се воведени поради нуклеарното оружје и програмите за балистички ракети.
– Ако САД делумно ги повлечат санкциите, всушност оние кои ја отежнуваат економијата и животот на нашиот народ, тогаш ние веднаш и целосно ќе ги демонтираме сите нуклеарни комплекси во околината на Јонбон и тоа во присуство на американски експерти, истакна Ри.