Кина ја предупреди денеска Литванија да не испраќа „погрешни сигнали“ до приврзаниците на независноста на Тајван, по најавата дека овој кинески остров ќе отвори свое претставништво во Вилнус.
Отворање претставништво на Тајван во главниот град на Литванија, за кое западните медиуми сметаат дека е де факто амбасада, беше силно поддржано од САД.
– Ја повикуваме Литванија да се придржува кон принципот „една Кина“ и да не испраќа погрешни сигнали до силите за независност на Тајван“, се наведува во соопштението на кинеската Канцеларија за Тајван.
Пекинг го смета Тајван за неотуѓив дел од Кина и изразува противење која било земја со која има дипломатски односи, да одржува и официјални односи со Тајван.
На почетокот на оваа година, Литванија објави дека планира да отвори свое претставништво на Тајван и донираше 20.000 дози вакцини против Ковид-19.
Тајванскиот министер за надворешни работи Џозеф Ву изјави дека новата мисија во Вилнус ќе се вика Тајванско претставништво во Литванија.
САД, кои имаат де факто амбасада на Тајван, го поздравија овој потег и порачуваат дека сите земји треба да имаат слобода да се стремат кон поблиски врски и поголема соработка со Тајван.
Само 15 земји имаат официјални дипломатски врски со Тајван, но многу други имаат де факто амбасади кои честопати се нарекуваат трговски канцеларии, како што е случајот со Европската унија, чија членка е Литванија.