„Претседателот на Интерпол Менг Хонгвеи е под истрага поради сомневања дека прекршил закони“, соопшти денеска Дисциплинскиот орган на КП на Кина.
Исчезнувањето на високиот кинески претставник го пријави неговата сопруга пред десетина дена. Менг Хонгвеи кој е заменик кинески министер за јавна безбедност, е „осомничен за кршење на закони и моментно е под истрага и надзор“ на новото кинеско тело за борба против корупција, Националната надзорна комисија.
Истовремено, сопругата Грејс Менг изјави дека сопругот пред да исчезне за време на патување кон Кина испратил фотографија на нож. Таа денеска во Лион изјави дека верува оти тој се обидел со тоа да и каже дека е во опасност.
Пораката и била пратена на 25 септември и таа оттогаш не е во контакт со него. Интепол вчера официјално побара информации од Кина за Менг кој исчезнал откако дошол во Кина на посета.