Стапката на наталитет во континентална Кина достигна рекордно ниско ниво од 7,52 на 1.000 луѓе во 2021 година, покажуваат податоците на Националното биро за статистика. Ова значи забрзување на надолниот тренд поради кој Пекинг минатата година им дозволи на паровите да имаат до три деца.
Кина ја укина својата повеќедецениска политика за едно дете во 2016 година, заменувајќи ја со ограничување на две деца со цел да се обиде да се спротивстави на брзото стареење на населението, но многу парови не сакаат да имаат повеќе деца поради високите трошоци за урбан живот.
Стапката на наталитет беше најниска од 1949 година, кога Заводот за статистика почна да ги собира податоците.
Природната стапка на раст на населението во Кина, која ја исклучува миграцијата, изнесуваше само 0,034 отсто во 2021 година, што е најниска од 1960 година.
– Демографскиот предизвик е добро познат, но стапката на стареење на населението е очевидно побрза од очекуваното, изјави Живеи Жанг, главен економист во компанијата Пинпоинт Асет.
– Ова сугерира дека вкупното население на Кина можеби го достигнало врвот во 2021 година. Тоа, исто така, покажува дека потенцијалниот раст на Кина веројатно ќе забави побрзо од очекуваното, истакна Жанг.
Податоците покажуваат дека во 2021 година имало 10,62 милиони новородени, во споредба со 12 милиони во 2020 година.
Стапката на наталитет во 2020 година изнесувала 8,52 родени на 1.000 жители.