Бројот на посетители во секоја киносала во Синеплекс ќе биде ограничен на 100 лица, велат од комплексот кина во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, по одлуката на Владата да не се одржуваат масовни собирање како превентивна мерка во заштита од коронавирусот.

„Билетите за секое второ седиште ќе бидат во продажба со цел да се обезбеди соодветно растојание помеѓу кинопосетителите. Филмската програма ќе биде подготвена со поголеми временски слотови помеѓу проекциите во различни киносали за да се спречи голема фреквенција на посетители во исто време во фоајето на киното. Нашите вработени работат само кога се целосно здрави, хигиенската нега е на повисоко ниво од вообичаеното во овие времиња“, велат од Синеплекс, и додаваат дека во случај на дополнителни промени на тековната ситуација, соодветно ќе се преземат активности и јавноста ќе биде информирана.

По вчерашната одлука на Владата за повеќе мерки како затворање на воспитно-образовните институции, студентските домови, базените, забрана за собирање до 1.000 лица и препорака за откажување на настани со публика до 1.000 лица, сите државни театри, Филхармонијата и Националната опера и балет (НОБ) ги откажаа репертоарите до 24 март.

Настаните ги откажаа и Младинскиот културен центар (МКЦ), киното Милениум и Кинотеката.

„За сите нови термини навремено ќе информираме, а публиката која што има купено билети за некој од бројните настани во следниов период, истите ќе може да ги искористи за новите термини“, велат од МКЦ.