Договорот од Преспа е одличен пример за Европа и порака на надеж за сите нас дека дијалогот води до резултати, порача францускиот претседател Емануел Макрон за време на прес-конференцијата на крајот од Петтиот Самит на земјите од Југот што се одржа на Кипар, јави МИА од Атина.
– На крајот, дозволете ми да кажам неколку зборови, за да ги споменам Алексис Ципрас и Зоран Заев, кои заедно се договорија за името Северна Македонија со усвојувањето на Договорот од Преспа. Тоа е одличен пример за Европа и порака на надеж за сите нас, за тоа што може да понуди способноста на дијалог и дијалогот меѓу луѓето кои сакаат да најдат решение и дава многу надежи за Европа и секаде каде што постојат несогласувања. Ова ни дава кураж да кажеме дека дијалогот води до резултати, рече Макрон.
На маргините на Самитот на земјите од Југот, што се одржува во Никозија, а на кој учествуваат кипарскиот и францускиот претседател, премиерите на Грција, Италија, Малта и Португалија и министерот за надворешни работи на Шпанија.
Алексис Ципрас, според видеото објавено од грчката телевизија Антена, во дијалогот со претседателите на Франција и Кипар, Макрон и Анастасиадис, говори за неодамнешниот протест во Атина против Договорот од Преспа.
-Беше тешко. Имаше демонстрации на екстремно десничарски популисти против Договорот, вели Ципрас.
-Колку учествуваа?, прашува Макрон.
-На последниот протест беа околу 70.000. Не 17, туку 70. Седум, нула. Не беше толку голем, објаснува грчкиот премиер.
Во друг извадок од дијалогот на маргините на Самитот, Макрон го прашува Ципрас дали мнозинството од граѓаните го поддржуваат Договорот.
-Да, така мислам, мнозинството граѓани кои можат да мислат и да критикуваат, користејќи го нивниот ум, одговара Ципрас.
Грчката телевизија објавува кус разговор на грчкиот премиер и со неговиот со неговиот колега од Малта, Џозеф Мускат.
-Од надвор изгледаше тешко, коментира премиерот на Малта.
-Да. Замислете од внатре како беше. Но, затоа ова е важно, му одговара Ципрас.
-Но, обезбедивте место во историјата, додава Мускат.
Од Петтиот Самит на земјите од Југот што се одржува на Кипар, грчкиот Ципрас испрати порака дека Договорот од Преспа покажува дека постојат европски решенија преку дијалог и меѓусебно разбирање.
-Пораката што ја праќаме денес, овде е порака на заедничко чекорење во правец на изнаоѓање на заеднички европски решенија. Пораката што ја испраќа успешниот обид што го имавме во однос на триесетгодишните разлики за името со Северна Македонија, исто така е порака дека постојат европски решенија преку дијалог и преку меѓусебно разбирање, порача грчкиот премиер.
Алексис Ципрас на заедничката прес-конференција со претседателите на Кипар и Франција, премиерите на Италија, Малта и Португалија и шефот на шпанската дипломатија, рече дека верува во Европа што „може да дава решенија, наместо да тоне во интровертност, Европа која ќе може, освен да ги решава нејзините проблеми, да игра суштинска улога на меѓународната сцена како столб на мир и стабилност“.