Од таборот на селекцијата во Дебрецин објавија шокантни вести. Селекторот и наш најдобар ракометар, Кирил Лазаров заработи повреда на вчерашниот официјален тренинг и нема да може да игра на турнирот. Оваа информација ја потврдија од Ракометната федерација на Македонија на социјалните мрежи.

„Лазаров го пропушта Европското првенство. Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров нема да биде во можност да настапи на Европското првенство , што за Македонија стартува вечерва со дуелот против Словенија од 18:00 часот во рамки на групата А. Десниот бек се повреди во текот на вчерашниот ден на првиот официјален тренинг. По прегледите направени од нашиот медицински тим констатирано е дека се работи за повреда на спојот на два мускули на левата потколеница. Потребно е мирување од три недели. Лазаров вечерва ќе биде само на клупата и ќе го води тимот како селектор, но за жал нема да може да помогне на теренот како играч. Ракометарот на Нант има повреда на спојот на два мускули на левата подлактица, а лекарскиот тим утврди дека за тоа е потребна пауза од три седмици. Ова е огромен шок за Македонија бидејќи остана без најискусниот Лазаров, кој ќе го води тимот од клупата, но нема да може да помогне како играч“, стои во соопштението.