Апсурдно е во Македонија да се отвораат клубови со имињата на Ванчо Михајлов, Борис Трети и Цар Фердинанд, бидејќи во Бугарија нема ниту еден кој ги користи овие имиња, реагираат Македонците од Пиринска Македонија.

Македонскиот активист од Благоевград (Горна Џумаја), Атанас Кирјаков бара реципроцитет за културните клубови на Македонците и на Бугарите во двете земји, но и забрана во Македонија да се отвораат клубови со имиња на „докажани нацисти и фашисти“.

– Што се однесува до т.н. бугарски клубови што се регистрираат во Република Македонија, тие треба да бидат забранети од судот. Треба да има реципроцитет. Кога Бугарија ќе ги регистрира ОМО Илинден и другите македонски организации и здруженија на нејзина територија, тогаш и Република Македонија да ги регистрира т.н. бугарски. Но во никој случај тие не смее да носат имиња на докажани нацисти, фашисти, кои придонеле за зло меѓу народите, каков што е примерот со Иван (Ванчо) Михајлов, познат во Пиринска Македонија со прекарите главорез и крволок. До неодамна под Пирин сè уште имаше жени со црни шамии на главата во знак на жалост за злосторствата на ванчомихајловистите, пишува Кирјаков во објава на Фејсбук.

Кирјаков е еден од основачите на Обединетата македонска организација (ОМО) Пирин.