Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – ЦВЕТНИЦИ – Една недела пред Велигден

ПРАЗНИК НА ПОСЛЕДНОТО ВЛЕГУВАЊЕ НА ИСУС ВО ЕРУСАЛИМ

Марко КИТЕВСКИ

            Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот. Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица и се празнува во спомен на Лазаревото воскресение.

На Лазарева Сабота именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо, …

  На Цветници  именден празнуваат: Цветан Цвета, Цветанка, како  и сите имиња што произлегуваат од билки Лилјана, Калина, Перуника…

Од повеќе причини празниците Лазарево воскреснување, односно Лазарева сабота и Влегувањето на Исус во Ерусалим односно Цветници се празнуваат заедно односно тесно се поврзани меѓу себе и тешко е да се толкуваат одделно. Тие претставуваат посебни Господови празници, но и во народното празнување и во црковното толкување се третираат заедно.

Една недела пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки, и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Според преданието во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел навреме немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“. Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ.

Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на висините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконите овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресенување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе. „Значи нема да воскреснат само праведниците, а грешниците да исчезнат, туку сите ќе воскреснат и ќе се претстават пред Страшниот Христов Суд.“

Како што при Рождеството Христово зборуваме за две природи односно за раѓање на Богочовекот, Богомладенецот Исус така и во овие празници, исто така, гледаме дејство на двете природи Божјата и човечката. И тие природи секогаш дејствуват неразделно, односно слеано при што едната ја помага другата. „Затоа кога Христос ги вршеше Божествените нешта содејствуваше човечката природа, а кога ги вршеше човечките нешта, тогај содејствуваше Божјата природа. „Светите отци, за да ја прикажат оваа вистина, велат дека секоја природа дејствуваше „преку другата“, т.е. во заедница со другата природа.“ Токму во случајот со воскреснувањето на Лазар се гледа како дејствуваат двете природи. „Хритос како човек заплака за смртта на Својот пријател Лазар, но како Бог, со Својата Божествена сила го воскресна.“

Во евангелските текстови се вели дека Христос двапати просолзил. Еднаш тоа е при веста за смртта на пријателот Лазар. И со тоа Христос ја покажува својата човечка природа. „Солзите Христови укажуваат на човечката природа, и тоа дека ја прими целокупната природа. Така, Христос и на тој начин покажува дека освен што беше совршен Бог, беше и совршен и целосен човек.“

Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Особено со многу лирски чувства се исполнети песните за малите деца како што е и оваа песна од зборникот на браќата Миладиновци:

Малечкоо убоо, о Лазаре!

На диван ми седеше,

со јаболко играше;

мајка ле му викаше:

‒Малечкоо убоо!

Доста седе на диван,

доста играш с јаболко,

данʼ те царот догледат,

данʼ ти царство поклонит !

Уште речта не рече,

ми го царот догледа

и му царство поклони.

Во Зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на овој обичај во Струга, во половината на минатиот век. „Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден, а повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од них невеста. Кого ке сретат на пʼт обколисват и пејет секому по возраста му т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга; ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целива рʼка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни“.

Кузман Шапкарев, пак, запишал дека на овој ден „младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни соодветни со состојбите и условите во секоја куќа. Штотуку влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, обрнати со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата. Кога ги пеат се полулуваат напред и назад со телата. По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца. Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го носи со себе. Ова последново и не пее“.

Во Гевгелиско според записите на Стефан Тановиќ, од крајот на 19 и почетокот на 20 век, лазарките пееле во групи по четири девојки, тие што на Тодорица во црквата се заколнале дека заедно ќе учат лазарски песни и „ќе пеат Лазар“. Се собирале во една куќа и на тргнување ја запевале песната:

Еј Лазаре, Лазаре,

море младо војниче!

Чиј са вија дворуве,

с бел босиљук митени,

с црвен стратор ринани?

И Ристо Стамков во своите записи на овие богати обичаи кои се изведувале до најново време, сведочи дека подготовките за пеење лазарски песни и изведување лазарски обичаи започнувале на Тодорова Сабота. Тогаш младите невести кои во изминатата година стапиле во брак заедно со девојчињата од селото оделе во црквата  на кратка богослужба. По службата невестите излегувале пред црквата (на сеирот) и тука играле оро при што оровотките се менувале според редот на венчавањето. За тоа време девојчињата влегувале во црковниот двор и се договарале која со која ќе лазарува на празникот Лазарица. За верност бакнувале парче леб. По враќањето дома повозрасните девојчиња во дворот правеле една подлабока бразда и на неа ставале гранки имитирајќи мост. Потоа под перницата ставале, мали стапчиња кои ги претставувале момчињата што ги симпатизирале. И кого ќе го сонеле да мине по мостот верувале дека ќе биде идниот вереник и сопруг. Следниот ден почнувале да ги учат песните „под инструкција“ на некој надарени пеачки (баби мајки, стрини и др.) Учењето на песните траело околу еден месец, со прекин за време на поснета недела. Вакво долго вежбање било потребно затоа што станува збор за голем број песни.

Вечерта спроти Лазарева Сабота девојчињата – лазарки излегувале надвор од селото да го повикаат Лазар да им дојде во добро расположение. Утрото на Лазарева Сабота оделе во црквата каде што добивале благослов од свештеникот. Потоа тргнувале да пеат Лазар по куќите, патиштата, раскрсниците и сл. Попладнето оделе на ручек кај една од лазарките, а следниот ден во неделата (на Цветници) продолжувале со лазарувањето во текот на денот, а вечерта оделе надвор од селото да го испратат празникот. Во оваа прилика извикувале: „Догодина да ни дојдиш Лазаре, порадосен и повесел“ и ја пееле песната:

Ој недело, недело,

Гиди наша раздело.

Ти не нази собери,

ти не нази раздели.

Од при куќи во куќи,

Само Неда во куќи.

Низ цела Македонија одејќи по куќите лазарките пееле песни за сите членови од семејството започнувајќи од најстариот. Нему му се пеело за синовите, снаите, внуците, за богатство и убави абери. На машките деца им се пеело за учење во манастир: „он го пратил за три години/ он се научил за три месеци“, на девојчињата им се пеело да се омажат за царевиот син, на ергените за грабење девојка, за женидба и убав живот. На девојка за мажење ѝ се нагласувала нејзината работливост, се пеело за нејзините дарови, за свекорот и свекрвата, за деверите, золвите и јатрвите. Особено топли чувства се испеани во песните за невестите без деца. На мајките со мали деца, пак, им се пее за децата и тие се споредуваат со Сонцето:

Угреале две сонца, е Лазаре,

у мајкини пазуʼи, е Лазаре,                                                                          у таткои скуто’и, е Лазаре.                                                                              Не ми беа две сонца, е Лазаре,                                                                        тук ми беа два сина, е Лазаре,                                                                     мајка им и галеше, е Лазаре.

Лазарките секаде биле пречекувани со задоволство. Не пееле само во куќите во коишто имало скоро умрен. Во таа смисла Миленко С. Филиповиќ забележал дека во Скопско „не се дозволува да играт лазарки, ни мајмун, ни мечка пред куќата во која некој умрел.“

Евтим Спространов забележал дека во Охрид Лазара се празнувало на Цветници, а во Струга во саботата. На Цветници пак, како и на Благовец раздавале цвеќиња, особено зеленика и дафино, кои се чувале пред иконата како свети нешата.

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се изведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден. Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна.“

И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.

Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело на цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко-Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше тʼпан.“

Во Струга Лазара се славело три дена и тоа: петокот, кога се навестувал празникот, саботата – „Дај ми пара Лазаре“ и неделата – Цветници или „Вијур, вијур Гајдано.“ Празникот се најавувал на тој начин што во петокот малите деца до седум-осум години, носејќи шарени стапчиња (со три бои) оделе кај роднините. Во саботата на Лазарева сабота, девојките во групи од три до пет во групата, облечени во народна носија како невести и со венчиња на главата излегувале на улица на минувачите им го попречувале патот и им пееле соодветни песни. Неделата пред Велигден освен Цветници се вика и „Вијур, вијур Гајдано“. Тогаш машки деца на возраст од околу десетина години облечени во стара облека, маскирани, со кожи префрлени преку нив, со ѕвонци и други реквизити одат во посета на куќите. Притоа групата поред секоја куќа пеела:

Вијур, вијур Гајтано,

кој те тебе развива,

на вечерина на вода.

Гајтанот ти ѕунеше,

како на маска опашка.

Леле леле Лазаре,

кога дојде помина,

со устата пеевме,

со чевлите тропавме,

со раце се држевме,

Да е жив стопанот,

да е жива стопанката.

Потоа се благословувало со овие благослови: За (име на машко) една невеста. За (име на девојка) еден зет. Амин. За многу години, здрави и живи, порадосни и повесели. Момчињата од групата носеле, торби, дисаѓи или кошници во кои ги собирале даровите. Потоа си ги делеле. Ова се сметало за специфичен струшки маскенбал.

Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете Лазареви саботи, што значи деца до една година. Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазаркките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле:

Имаш мајка, имаш татко,

гајтане мој, гајтане мој,

од капата една пара,

гајтане мој, гајтане мој.

Ем сʼс мајка, ем сʼс татко

гајтане мој, гајтане мој.

Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.

Колку и да се врзани со настаните со Христово влегување во Ерусалим обичаите и песните поврзани со празниците Лазарева сабота и Цветници се поврзани и со пролетта, со појавата на цвеќето, а посебно лазарските песни содржат пред сè семејни мотиви желби за напредок на поединецот и семејството.

Марко Китевски