Марко КИТЕВСКИ

Марко Цепенков сведочи дека во Прилеп празникот на светите Кирил и Методиј најпрвин бил празник на тутунџискиот еснаф, а кога овој еснаф се расипал поради Монополот празникот го присвоил брашнарскиот еснаф за свој еснафски празник. Според еден запис на Поменикот на шивачкиот еснаф на дебраните во Солун светите браќа за свои покровители ги имале и шивачите. Авторот на записот повикува да се „остави спомен по себе си на еснавот и на искрата и на изворот на главата свети Кирил и Методија; тија сја на извор на наши народ, што не напоиле со духовно просвештение и со славјанска писмене с славно им имја до века с Оцем и со Сином и свети Духом, амин.“

Празникот на светите браќа Кирил и Методиј посвечено почнал да се празнува во 19 век. Марко Цепенков забележува дека овој празник „силум се воведе во црквата (…) при подигнувањето на црковното прашање. Стефан Тановиќ во своите записи од Гевгелиско вели дека „Св. Кирил и Методиј“ е нов празник кој од скоро почнал да се споменува и да се слави. Го празнуваат само Србите и Бугарите, како Словени, додека Грците не сакат ни да слушнат за него. Бугарите го празнуваат и го присвојуваат како нивни празник, додека пак Србите го празнуваат од општословенско гледиште.“

Според една дописка во цариградскиот весник „Новини“ од 6 јуни 1891 година празникот на светите Кирил и Методиј во Битола бил празнуван многу свечено. Населението од Битола, се вели во оваа дописка, се натпреварувало со населението од Солун во посвечено празнување на празникот на светите браќа. Уште вечерта спроти празникот се гледале радост и воодушевување на лицата на населението. Учителите и учениците со песни виеле венци што ги ставале на вратите и прозорците од училиштата, пансионот претставувал величествена гора накитена со природни и вештачки цвеќиња. Таа слика станувала уште повеличествена со поставените портрети на Султанот и на Егзархот и на двете икони: едната со ликовите на светите браќа и другата со ликовите на светите Седмочисленици. Вечерта од сите страни колони ученици од сите училишта, како и многу народ ја исполниле црквата. Вечерната служба била извршена свечено. На самиот ден се служело во црквата „Св. Богородица“ која била преполна со народ. Архимандритот Козма придружен од сите свештеници и еден ѓакон отслужил свечена служба, а потоа одржал слово во кое зборувал за значењето и светоста на тој празник, и за заслугите на светите браќа. По распуштањето на црквата масата се упатила кон машкото четворокласно училиште. Напред, од двете страни на улицата, во два реда оделе учениците и ученичките, во средината двајца ученици со голем и убав венец во рацете, а по нив се носеле иконите на св. Кирил и Методиј и на св. Седмочисленици. По нив одел народот и свештениците облечени во најсвечена облека. По целиот пат од страна на народот се пееле тропарот на празникот и пофални песни. Во дворот на училиштето бил извршен водосвет. На тој обред присуствувале неколку конзули: рускиот, англискиот и германскиот и сите свештеници, учители и учителки. По водосветот управникот на училиштето одржал слово за апостолската дејност на светите браќа, за нивните големи дела и за ширењето на христијанството меѓу словенските народи. Потоа биле почестени сите прусутни во училишниот салон, по што започнала веселба со звуците на гајдата што траела до пладне. Попладнето, сите ученици, ученички, учители и учителки, како и многу народ со четири гајди тргнале низ градот кон „Св. Недела“ каде што на зелената ливада, под густите сенки на дрвјата се играло и пеело и се кажувале здравици до доцна во ноќта.

И во селото Ваташа, Тиквешко, празникот на светите Кирил и Методиј бил празнуван со училишни приредби, со слово за светителите, со хорски песни, со литургија во црквата, со духовни поворки во кои се носеле икони, знамиња, литиски икони и други црковни предмети итн.

Во селото Нестрам, Костурско, пред Балканските војни празникот на светите Кирил и Методиј се празнувал многу свечено на 24 мај. Заедно празнувале и учениците и родителите. Учениците од двете училишта биле изведувани надвор од селото, во шумата на Св. Мина. Тука во гората имало убави полјанки со студена вода. Учениците изведувале пригодна програма пред своите родители, а еден од учителите читал реферат за значењето на празникот. Потоа следувала богата музичка програма со ора и песни. По 1913 година овие празнувања биле забранети од страна на грчките власти.

И во Солун, според написот во „Дебарски глас“, од 17 мај 1909 година, овој празник бил празнуван многу свечено во присуство на многу народ и некои странски претставници. По службата што ја извршил струмичкиот митрополит Герасим во салонот на машката гимназија имало водосвет, а потоа директорот г. Стоилов одржал впечатлива беседа за празникот. По ручекот во паркот Бешчинар се одржала веселба што траела до доцна во ноќта.

За празнувањето на Св. Кирил и Методиј во Горноџумајско пишува Васил Шарков во написот за овој град. Тој пишува дека во 1890 година архимандритот дошол во Горна Џумаја за да се сретне со населението и да направи борбен план против грчкиот владика во Мелник и да му нанесе удар со срцето на грцизмот. Бил повикан народот на масовно празнување на празникот на светите рамноапостоли Кирил и Методиј на 11 мај (с.с.). Се планирало да се соберат и сите свештеници и да отслужат молебен во црквата „Св. Богородица“ во градот. За таа цел архимандритот Гологанов испратил специјална покана до општините и свештениците во Горно Џумајската каза да дојде населението и да прусствува на светата литургија во црквата и на водосветот во училиштето.

Колку и да се држеле во тајност овие подготовки не останале незабалежани од Грците. Тие се обиделе пред турските власти ова опразнување да го претстават како комитска работа. Сепак, архимандритот Гологанов успеал да го убеди кајмакамот дека се работи за чисто верско празнување.

Утрото на празникот градот бил преполн со население од целата околина. Цел ден се играло и се пеело на плоштадот до реката.

Така поради големата популарност светите Кирил и Методиј влегле и во народните умотворби, во поетски и прозни состави, во народните соништа, верувања и сл.

Марко Цепенков во поглавјето за соништата и нивно толкување пишува и за сон поврзан со светите Кирил и Методиј, односно со нивниот параклис во варошкото маало. Имено, невестата од Илија Дундов во 1893 година три години боледувала од грлобол. Кога веќе сите изгубиле надеж дека ќе оздрави сонувала дека се нашла во параклисот „Свети Кирил и Методија“. И додека се чудела како се нашла тука каде што никогаш порано не дошла „туку је се преставил пред неа еден стар чоек со брада (зер св. Кирил, ја св. Методија) со еден диск в раце, во дискот вода и песок и је рекол:

‒ Повели, напи се од водава, шмркни троа во носот, изми се за да оздравиш од грлото што те боли. Зела од водата, се напила, се измила и си оздравела. Е што радос беше е дошло, веќе нечкај“.

Кога се разбудила почувствувала олеснување и почнала да се подготвува да оди во параклисот. Домашните се чуделе и ја запирале зашто била болна и тешко дека ќе можела да појди до параклисот. „Ами вакваа учена си на училиште да веруаш сонои! Коџамити царцки еќими не можат крајо да ти го најдат, со сонои сакаш да оздравиш! Седи си тука, не ти треба црква одење, да не настиниш, та да се сториш полоша!“

И покрај тие спротивставувања на домашните, сепак, пошла во параклисот. Таму, пак, се зачудила на тоа што го водела, зашто било истото што го гледала на сонот. „Седела дури се слугало литургијата и на отпус ошла кај бунаро и се измила од водата, се напила, шмркнала во носо и на часо сетила една голема леснина. Дури си ошла дома, се оздравела, како да не боледувала никогаш.“

Но како и да е важно е што споменот на светите браќа Кирил и Методиј никогаш не згаснал, напротив тој спомен живеел меѓу македонскиот народ од времето кога св. Методиј во својство на византиски архонт управувал во брегалничко-струмичката област меѓу 845 и 855 година. Тука престојувал и св. Кирил и двајцата оствариле значајна дејност особено во покрстувањето на населението.

Во едно предание се раскажува за настанувањето на селото Моноспитово и се вели дека тоа е настанато токму во тоа во тоа време кога овде живееле светите браќа. Според ова предание под планината Беласица меѓу селата Банско и Габрово имало село со име Манастирово, а во негова близина бил манастирот „Свети Илија“. Кога некоја девојка се заљубила во некој од монасите за да биде со него се облекла во машка облека и живеела извесно време во манастирот. Кога за тоа се разбрало настанала голема тревога, а владиката кога разбрал за тоа наредил манастирот да се запали. Од оганот било зафатено и селото, по што населението се населило кај сегашното село Моноспитово.

Во друго предание пак, се вели дека реката што тече по југоисточниот дел на Струмичката котлина всушност има три имиња. Во горниот дел од изворот до селото Попчево се вика Бела Река, од сегашната Водочка брана до под самото село Водоча се вика Водочница, а од пред градот Струмица до вливот во Стара Река (Струмешница) се вика Кирчовица, како спомен за св. Кирил кој тука го покрстувал населенито.

Има и предание од Пијанечко во кое се раскажува  дека во месноста Света Вода меѓу селата Тработивиште и Разловци постоела испосничка келија во која што се подвизувале светите браќа Кирил и Методиј, и дека токму тука свети Кирил ја започнал својата просветителска дејност преведувајќи црковни книги од грчки на словенски јазик.

Во Македонија празникот на светите браќа Кирил и Методиј отсекогаш се празнувал свечено и со многу активности, како што се служби, литии, беседи за значењето на светителите и сл. Но по Втората светска војна имало извесен дисконтинуитет во празнувањето. За тоа ни сведочи едно писмо на Димитар Влахов до Јосип Броз Тито, од 7 мај 1948 година, во кое зборува за потребата од празнувањето на овој празник во Македонија. Притоа Влахов нагласува дека во Бугарија овој празник се празнува како државен празник, притоа се прават и обиди браќата Кирил и Метдоија да се претстават како бугарски просветители.

„Другар Маршале, на 24 мај кај нас и посебно во Македонија, како и воопшто кај другите словенски земји се прославува празникот на словенските просветители Кирил и Методиј. Прославата на тој ден во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на нашите браќа Македонци за нивното обединување и за јакнењето на нивната борба за национални, културни и политички права.

Тој празник беше еден од најголемите празници на македонскиот народ. Во градовите, а особено меѓу интелегенцијата тој заземаше највисоко место. Тој беше вистински народен празник. Тој ден се собираше целото население од градовите и од селата и беа организирани црковни служби, чествување, игри веселби. Особено активно учество на тој празник земаше училишната младина, затоа што денот на Кирил и Методиј се сметаше главно како ден на словенската култура и просвета. Тој ден е една од главните пројави на традицијата на македонскиот народ. Денот на Кирил и Методиј се прославува уште од моментот кога македонскиот народ почна да ја води својата борба за културно, национално, политичко и социјално-економско ослободување, т.е. од пред еден век и половина.“

Натаму Д. Влахов пишува дека во Бугарија тој празник се празнувал како државен празник и бил искористуван за големобугарската пропаганда. Притоа нагласува дека во Македонија овој празник не се празнувал, а меѓу интелегенцијата во Македонија имало незадоволство во врска со тоа. „Засега ние во Македонија не го прославуваме тој празник. Јас имав можност да ги слушнам одгласите, не многу поволни за нас, од старите прогресивни луѓе кои ефективно учествувале во прославувањето на денот на Кирил и Методиј. Сметам дека тој ден треба да се празнува како празник на словенската солидарност и братство.“

Влахов уште пишува дека празникот треба да се празнува најсвечено, така како што некогаш се правело, кога тие празнувања имале и пошироко значење. „Посебно за Македонија тој ден треба да биде најсвечено поставен, да добие значааење какво што имаше во врмето кога ние Македопнците се боревме против ропството на Фенерот и турските паши и султани за своето ослободување. И во Македонија тој ден, исто така, може да биде присутен и пожелно е да биде присутен. На таа свеченост треба да учествуваат не само учениците и работниците на културно поле, туку би требало да учествуваат и нашите народни избраници на чело со нашата влада, со нашите народни претставници.“

На крајот од писмото Влахов го повикува Маршалот да најде време, да ја разгледа оваа сугестија и да се донесе решение „кое ќе биде од корист за сите братски народи на ФНРЈ.“

Очигледно од писмото се гледа духот на времето кога е пишувано. Се бара празнување на празникот, но никаде не се споменува нивната света димензија. Дури тие и не се нарекуваат светители.