Марко КИТЕВСКИ
Денеска е голем празник – Сисвети, посветен на сите христијански светители.
На овој празник именден празнуваат некои што немаат име во календарот.
Овој празник се празнува во неделата по Духовден и меѓу народот повеќе е познат како Сисвети. Празникот се однесува на сите светци. Црквата го востановила за заедничко сеќавање и празнување на сите светии. Се празнува за да им се оддаде почит на оние светци чии имиња не се познати како поради нивната бројност, така и поради тоа што нивниот култ во одредени краишта не заживеал. Споменот на овие светци се празнува заедно со споменот и на оние светци што имаат и посебни празници, за да се покаже дека сите верувале во еден Исус Христос и за него страдале. Се совпаѓа со Петрови поклади, бидејќи една недела по Духовден започнуваат Петровденските пости.
Како настанал овој празник?
Овој празник се поврзува и со името на светата царица Теофанија, чиј спомен се празнува токму на денешен ден. Таа потекнувала од честито семејство. Нејзините родители кои биле роднини на неколку цареви долго немале деца, се молеле на пресвета Богородица и добиле ќерка која што ја крстиле Теофанија. Кога пораснала се омажила за Лав, синот на Василиј Македонецот. Теофанија заедно со сопругот Лав претрпеле многу страдања. Некогаш Лав бил наклеветен дека во чизмите носи нож и чека погодна прилика за да го убие својот татко. Овој пак поверувал на клеветата и својот син и снаата ги ставил во затвор каде што минале три години.
Еднаш кога по повод празникот на светиот пророк Илија царот Василиј приредувал гозба и имал многу големци за гости, царевиот папагал почнал да вика: „Авај, авај, господине Лав!“ Тоа го повторил неколку пати, по што возбудените гости побарале од царот да ги ослободи синот и снаата. Тој тоа и го направил. По смртта на царот Василиј на царскиот престол дошол син му Лав наречен Мудриот.
Царицата Теофанија пак животот го минувала во пост и молитви, делејќи милостина на бедните, обновувајќи ги манстирите и црквите и правејќи други богоугодни дела. Пред смртта ги повикале сите блиски, се простила и се упокоила 892 година. Царот сакал да и подигне храм над нејзиниот гроб, но на тоа се спротивставил патријархот. Тогаш царот изградил храм на „Сите Светии“ надевајќи се дека ако Теофанија се посветила нејзиниот празник ќе се празнува заедно со другите. Тогаш е востановен празникот на Сите Светии во неделата по Духовден (Света Троица).
Единствен манастир во Македонија посветен на овој празник се наоѓа во селото Лешани Дебрца, Охридско) и овде на овој ден се прави голем народен собир на кој присуствуваат луѓе на само од Дебарца туку и од цела западна Македонија.
Манастирот Сите светии, или како што го вика народот од овој крај Сисвети или Си Светии има две цркви, едната постара, другата понова. За постарата црква има податоци дека е од 15 век, но повеќе показатели покажуваат дека е многу постара. Имено Виктор Иванович Григорович кој во 1845 година престојувал во Македонија, а го посетил и овој крај и овој манастир прочитал на црквата напис од 1452 година. Меѓутоа повеќемина истражувачи сметаат дека таа е многу постара. За другата понова и многу поголема црква не се знае кога е почната да се гради, иако на некои места се забележани годините 1911, потоа 1922, но се знае дека е осветана на патрониот празник во 1926 година.
Во црквата има чудотворна икона кон која верниците имаат посебен однос, пред неа оставаат дарови, се молат итн. Забележани се и неколку чуда поврзани со овој манастир, како што е лекување на болни на денот на манастирот, односно на празникот на Сите светии. На манастирот му е посветена монографијата со наслов „Манастирот Си свети (Сите светии)“ од д-р Стојан Ристески (Охрид, 2007 година).