Коалицијата на „патриотите“ и голем дел од бугарското население живеат во романтичарско-патриотските митови од 19-от век, а тие митови не секогаш одговараат на фактите и на модерната перспектива, смета професорот по Историја на модерната култура на Универзитетот во Софија и директор на универзитетскиот Културен центар, Александар Ќосев.
Според него, партиите во бугарската Влада од коалицијата Обединети патриоти, предводена од ВМРО на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, сосема свесно ги зголемуваа националистичките тензии, во пресрет на редовните парламентрани избори во Бугарија, што треба да се одржат следната пролет.
– Тие едноставно сакаат да си го подигнат предизборниот рејтинг, но нема да можат да го подигнат. И нема да влезат во следниот Парламент, вели Ќосев во интервју за Дојче Веле.
Ќосев додава дека идејата на секој романтичарско-патриотски мит е да ја направи сопствената нација што постара, „речиси исто колку и библиските семејства и народи“, па сите нации ретроактивно и ретроспективно си ја допишуваат историјата и си припишуваат една огромна, вековна, древна, често дури и предисториска историја.
– Сеедно дали бугарската нација или бугарскиот јазик, бугарската култура се вечни, а македонската нација и македонскиот јазик и македонската култура се некаква вештачка конструкција создадена пред 50-ина години. Всушност единствената разлика меѓу двата процеси на изградба на нација се состои во тоа дека едниот е малку постар, вели Ќосев.
Тој додава дека процесот на формирање на бугарската нација започнува на крајот на 18 век и трае низ целиот 19 век, додека формирањето на македонската нација трае од втората половина на 19 век наваму.
– Тоа е национално-образувачки процес, формирањето на модерни групи наречени „нации“- и колку што едната од страните е во право, толку е и другата. И да сумирам: во текот на тие процеси се создаваат огромни, модерни колективитети, коишто им го обезбедуваат идентитетот на своите индивидуални членови и обезбедуваат хоризонтална солидарност меѓу оние кои се чувствуваат како Бугари, и соодветно, меѓу оние кои се чувствуваат како Македонци, истакнува Ќосев.
Според него, со истакнувањето на гордоста насочена назад кон историјата, намерно се врши одвраќање од сегашноста.
– Наместо да се грижиме за тоа што претставува нашата нација, наместо да се грижиме за нашиот дом, наместо да ја полеваме нашата градина, ние се чукаме во гради за тоа какви големи цареви сме имале и со тоа ја заменуваме сегашноста. Сеќавањата за далечното минато секогаш се замена за сегашноста. Ако продолжиме да талкаме назад во историјата, наместо да се фокусираме на тековните проблеми и да размислуваме за заеднички живот во обединета Европа, овој проблем едноставно не ќе може да се реши, заклучува Ќосев.