Специјалниот известувач во Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук упати честитка до граѓаните по повод Денот на независноста посочувајќи дека нашата земја стана успешен модел за мултиетничка коегзистенција и фактор на стабилност на Западен Балкан.

-С. Македонија има посебно место во моето срце за нејзините прекрасни луѓе со кои имав можност да се сретнам и за извонредното гостопримство во кое отсекогаш уживав во моите бројни посети. Знам дека постигнувањето независност на мирен начин е извор на особена гордост за сите вас, а особено сум горд што мојата земја Бугарија беше првата земја  што ја призна независноста, вели Ќучук.

Овој ден не само што ја означува независноста на Македонија, туку покажува, вели тој, и колку сте постигнале од 8 септември 1991 година.

-Вашата издржливост и успеси во последните три децении се од ваша сопствена одлука. Не дојдоа однадвор. Како и секоја млада демократска земја, поминавте низ тешки времиња, но денес, можете да славите поради единството и хармонијата меѓу луѓето. С. Македонија стана успешен модел за мултиетничка коегзистенција и фактор на стабилност на Западен Балкан, посочува специјалниот известувач во Европскиот парламент Ќучук.

Тој дополнува дека со единство и почит еден кон друг, вредности кои се силно застапени во владата на премиерот Зоран Заев, напредокот е неизбежен.

– Веќе го проследивте вашиот стратешки пат со членството во НАТО и заслужено добиената покана за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија се историско достигнување и убеден сум дека ќе ја видиме С. Македонија таму каде што припаѓа – како составен дел дел од европското семејство. Јас навистина верувам во светлата иднина на вашата земја, бидејќи успехот е во ваши раце и на помладата генерација, порачува Ќучук.