Анализата на водата за пиење во Гостивар ќе биде објавена до 20 август, најави вечерва министерот за здравство Сашо Клековски, додавајќи дека епидемиолошката состојба во градот постепено се стабилизира.

Клековски, гостувајќи во емисијата „Вести плус“ на телевизија „Канал 5“, рече дека земјата излегува од акутната фаза и дека бројот на новопријавени пациенти со стомачни проблеми е намален.

-Во основа сега излегуваме од акутната фаза, веќе можам да кажам дека сме влезени во нормален период. Бројот на првојавени пациенти се движеше од 40 до 80 овие неколку дена. Нормалната предепидемиска појава на стомачни проблеми со дијареа и повраќање се движи меѓу 25 и 100- изјави Клековски.

Тој нагласи дека епидемијата официјално нема да заврши сè додека не се отстрани сомнежот дека новите случаи се поврзани со користењето на водата за пиење.

Клековски рече дека постојано се настојува да се прават пријавите за заразни болести и да се вршат епидемиолошките анкети.

– И најдобрите епидемиолози во Центарот за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје ги анализираат тие податоци. Значи, ние влегуваме во една нормалност бидејќи бројот на заболени е како во август минатата година, условно да кажам – додаде Клековски.

На обвинувањата од опозицијата, министерот ја повика конечно да го дефинира кривично дело што го сторил, да подготви кривична пријава и да ја поднесе во Јавното обвинителство.

– Јас ќе се јавам да дадам изјава во Јавното обвинителство, веднаш штом опозицијата, односно конкретно СДСМ, ќе дефинира кое кривично дело сум го сторил. Вака, изјави на прес-конференции без дефинирање кој закон, која регулатива е повредена и со што сум го сторил кривичното дело, е, само лош политички маркетинг. Јас одговорно тврдам дека и како министер и Министерството соодветно реагираме – категоричен беше Клековски.

Министерот додаде дека сега, по стивнувањето на акутната фаза, има доволно време да се направи анализа. Експертскиот тим од Министерството, како што посочи, работи на таа анализа. Тој соопшти дека во врска со ова, веќе се имале изјаснето сите вклучени јавни установи.

– Сакаме хронологијата да ја споделиме со другите надлежни институции, во овој случај Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за управување со кризи, за тие да надополнат во хронологијата и тоа ќе го објавиме – посочи министерот за здравство. (МИА)