Неколку експлозии одекнаа во раните утрински часови во Киев, точно една недела откако Русите извршија напади врз главниот град на Украина.
Нападот го извршиле беспилотни летала – камикази, соопшти Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател.
„Русите мислат дека тоа ќе им помогне“, објави тој на Телеграм.
Три експлозии биле регистрирани меѓу 6:35 и 6:58 часот по локално време. Сирените сигнализираа за воздушен напад непосредно пред првата експлозија.
Минатиот понеделник, на 10 октомври, Русите силно го бомбардираа Киев и други украински градови, при што загинаа 19 лица, а беа повредени 105, што предизвика меѓународна осуда. Еден ден подоцна, Русите продолжија со воздушните напади, но со помала жестокост, а нивна главна цел беа енергетски постројки на западот на Украина.
Централниот Шевченковски реон во главниот град на Украина рано утринава беше погоден од експлозии, вторпат во една недела, а градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко објави дека се оштетени неколку станбени згради.
– Спасувачите се на самото место, напиша Кличко во Телеграм, додавајќи дека како последица на напад со дрон избувнал пожар во зграда каде нема жители. Во моментов нема извештаи за жртви.
Во Шевченковскиот реон има многу универзитети, студентски кафулиња и ресторани. Областа беше погодена и минатиот понеделник од неколку експлозии, кога Русија ја нареди својата досега најголема воздушна офанзива против украинските градови како одговор на експлозијата на мостот што ја поврзува Русија со полуостровот Крим.