Република Македонија како држава и како општество минува низ долга фаза на национална, политичка и економска криптобиоза, низ најекстремно тешка состојба помеѓу Животот и Смртта, пишува хрватскиот и македонски писател Алдо Климан.

Го пренесуваме текстот насловен „Македонска криптобиоза“ што го објави на неговиот профил на Фејсбук:

МАКЕДОНСКА КРИПТОБИОЗА

Стостојба помеѓу Животот и Смртта

Најнапред краток енциклопедиски цитат: „Криптобиозата (Cryptobiosis) е метаболичка состојба помеѓу животот и смртта, во која што попаѓа некој организам како одговор на екстремно неповолни услови во неговата околина. Во криптобиотичката состојба сите мерливи метаболички процеси сосема престануваат, оневозможувајќи репродукција, развој и закрепнување. Дури тогаш кога условите на средината ќе се вратат во нормала, и организмот може да се врати во онаа состојба на животот каква што беше пред појавата на криптобиозата“.
Употребувајќи го биолошкиот поим „криптобиоза“, можеме да речеме дека

Република Македонија како држава и како општество минува низ долга фаза на национална, политичка и економска криптобиоза, низ најекстремно тешка состојба помеѓу Животот и Смртта.

Сите органски, логични, мерливи и со општоцивилизациските стандарди споредливи национални, политички и економски процеси во Република Македонија се сосема запрени до работ на летална, крајна, предсмртна состојба. Едноставно, веќе нема никакви објективни услови за реална општествена репродукција, развој и закрепнување. Сите јавно објавувани податоци во таа смисла се чиста кабинетска измислица и лага.

Заев ја воведе бесрамната Лага во јавниот живот како стандард, како мошне успешно средство за опстојување на власт, а со тој и таков криминален стандард, еве, безобѕирно се користи и новата постзаевска власт на чело со лажниот премиер Димитар Ковачевски. Сурогатот на државата и на општеството насилно се одржуваат со вештачки, импортирани средства и со најгруби бирократски механизми и инструменти.

За државите, за општествата и за народите криптобиозата не е природна појава и состојба, па во случајот на Република Македонија таа е директна застрашувачка последица на невиден лудачки меѓународен и внатрешен лабораториски социоциден и етноциден експеримент, кој, иако, на крајот од краиштата, секако ќе доживее неуспех, еве, и натаму упорно, напрегнувајќи ги силите на отпорот на логиката и на разумот до крајните граници, до прснување, безумно се спроведува, предизвикувајќи страшни, немерливи и непоправливи штети за општеството, за државата и за нејзините жители, особено за македонскиот народ.