САД и Кина се обврзаа дека ќе соработуваат околу решавањето на климатските промени, соопштија синоќа двете земји по посетата на американскиот пратеник за клима Џон Кери на Шангај.
„САД и Кина се обврзуваат на меѓусебна соработка и со другите земји во справувањето со климатската криза, која треба да се решава сериозно и со неопходна итност“, се вели во заедничкото соопштение на двете земји.
Соопштението го потпишаа американскиот пратеник Џон Кери и неговиот кинески колега Сие Женхуа.
Во текстот се наброени бројни начини на соработка помеѓу двете најголеми светски економии, кои претставуваат речиси половина од емисиите на стакленички гасови одговорни за климатските промени.
Вашингтон и Пекинг наведуваат дека ќе ги засилат активностите и соработката во мултилатералните процеси, вклучително и Конвенцијата на ООН за климатски промени и Парискиот климатски договор.