Скопје летово беше во портокалова фаза, а термометрите покажуваа и до 45 Целзиусови степени. Ефектите од глобалното затоплување веќе се реалност и се случуваат, а тоа во иднина само ќе се влошува.

Летово цела Европа беше зафатена од топлотен бран со рекордно високи температури. Во Париз беа измерени рекордни 42,6 Целзиусови степени, со што се надмина претходниот рекорд од 40,4 степени измерени пред повеќе од 70 години. Некои делови од Централна и Западна Европа имаа за десет степени повисоки дневни процеси над вообичаените температури.

Скопје до крајот на столетието до 65 жешки денови во годината

Како што светот се затоплува поради човечките активности кои влијаат на климатските промени, така поголемиот дел од жителите на Земјата може да очекуваат се повеќе топли денови со температури над 32 Целзиусови степени во иднина.

Скопје и околината во 1960 година во просек имале седум дена годишно со температура над 32 степени, а до крајот на ова столетие може да очекува меѓу 26 и 65 вакви многу жешки денови.

„Њујорк тајмс“ во статијата насловена „Колку потопол станува твојот роден град?“ пишува за влијанието на климатските промени и нуди интерактивна мапа на која може да се види како се затоплува градот во кој сте родени и колку може да очекувате да се зголемат температурите во иднина.

Жителите на Скопје и околината во 1985 година можеле да очекуваат околу седум дена во годината да достигнат до 32 Целзиусови степени, за во 1995 таа бројка да се искачи на 11 и во 2005 година на 13 денови.

Денес жителите на Скопје и околината може да очекуваат околу 16 дена со температури над 32 Целзиусови степени во текот на една календарска година, додека во 2065 година, оваа бројка според проценките на истражувањето ќе достигне до 31 ден во годината, додека проектираниот опсег е меѓу 23 и 54 денови годишно.

Проекциите прикажани во анализата, се под претпоставка дека државите ќе ја намалат емисијата на штетни гасови согласно Договорот за клима од Париз.

Најтопло било во 2007 година со 45,7 степени

Најтопло лето откако се мерат температурите во земјава имало во 2007 година, кога се измерени рекордни 45,7 Целзиусови степени.

Температурниот максисмум е регистриран во Демир Капија на 24 јули 2007 година. Рекордот и за Скопје е во истиот тој ден, кога температурата се искачила до 43,3 степени. Тој ден се измерени и рекордни 45,3 степени во Гевгелија, 43,5 степени во Штип и 40,2 степени во Крива Паланка.

Температурите во државава официјално се мерат од 1948 година. Имало мерења и порано, но не е сигурно колку се прецизни, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Температурите ќе растат

Многу е веројатно дека Скопје и околината ќе доживеат зголемување на температурите дури и ако државите до крајот на векот преземат мерки за намалување на емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, пишува „Њујорк тајмс“, повукувајќи се на анализата на „Клајмат Импакт Лаб“, група на климатски научници, економисти и дата аналитичари од Родиум групата и од универзитетите Чикаго, Ратгес и Беркли.

Тропските региони со веќе високи температури може да очекуваат и повеќе топли денови во иднина. Така, Џакарта во Индонезија која во 1960 година имала во просек околу пет месеци во годината температури над 32 Целзиусови степени, до крајот на векот може да очекува ваквите температури да траат безмалку низ целата година.

Њу Делхи, каде живеат околу 22 милиони луѓе, може да очекува раст од нешто под шест месеци со температури над 32 Целзиусови степени во 1960 година, до речиси осум месеци до крајот на столетието.

Големи температурни промени ќе има и во поумерените делови од планетата. Така, главниот град на Шпанија, Мадрид кој во просек имал околу 33 дена со температури над 32 степени во 1960  година, може да очекува таа бројка да се зголеми двапати, па дури и трипати до крајот на векот.

Градовите и регионите различно ќе ги доживуваат жешките денови

Според Кели Мекускер, експерт за климата од Родиум групата, како различните градови и региони во иднина ќе го доживеат зголемувањето на бројот на денови со температури над 32 Целзиусови степени, во најголем дел ќе зависи од тоа колку тие се веќе прилагодени на високи температури.

Така на пример, во Северна Америка поголемиот број на жешки денови ќе предизвикаат помал шок за жителите на Феникс во Аризона, каде населението веќе е навикнато на температути повисоки од 32 Целзиусови степени, за разлика од жителите на Монтреал во Канада, каде проценките се дека околу 40 проценти од домаќинствата немаат клима уреди.

Сепак, влијанието врз населението и градовите во голем дел ќе зависи и од висината на температурата. Па така, во Феникс поголемиот број на денови со над 32 степени ќе значи и поголем број на денови со температури од над 30, додека во Монтреал ваквиот број на топли денови сепак ќе остане понизок, иако ќе дојде до зголемување на бројот на денови со температури околу 30 Целзиусови степени.

„Њујорк тајмс“ пишува дека глобално високите температури го зголемиуваат ризикот од болести и смрт, особено кај постарите возрасни групи, младите и лицата со хронични болести. Посиромашните луѓе, кои многу поверојатно немаат пристап до клима уреди и други начини за разладување исто така, ќе бидат поизложени на удар од топлотните промени.

Растот на бројот на денови со температури со 32 и повеќе степени најманогу ќе влијае и на лицата кои работата на отворено, како и за работницте во затворени простории каде нема соодветна вентилација и разладување. Дополнително, зголемувањето на топлите денови, повеќе ќе се чувствува и ќе влијае на населението во регионите со поглема влажност на воздухот, за разлика од посувите региони.

Најтоплиот месец јули покажува забрзување на климатските промени

Јули 2019 година е најтоплиот месец досега, според податоците на Коперникус програмата за климатски промени на Европската унија. Глобално температурата е за 0,56 Целзиусови степени повисока од просекот за периодот од 1981 до 2010 година и минимално го надмина претходниот месечен рекорд во јули 2016 година.

Ова не се привремени отстапувања. Изминатите четири години од 2015 до 2018 се рекордно топли, а доколку сегашниот тренд продолжи, многу веројатно е 2019 година да биде втората најтопла година по 2016.

Според сервисот Коперникус, просечните температури во Европа во јуни годинава биле за 2 степени над нормалниот просек, што е речиси за еден степен над претходно најтоплиот јуни во Европа измерен во 1999 година. Глобалните просечни температури исто така уриваат рекорди, со околу 0,1 процент повисоки температури од претходно најтоплиот измерен месец јуни во 2016 година.

За време на топлотниот бран низ Европа, дневните максимални температури во некои делови беа над 40 Целзиусови степени. Дневните просечни температури беа генерално за седум степени над нормалните, додека во некои делови и до девет степени над просекот од 1981 до 2010 година.

Податоците покажуваат дека годинава носи рекордно високи температури. Секој месец во 2019 година се наоѓа меѓу четирите најтопли месеци во историјата, додека јуни е најтоплиот месец јуни досега. Сепак трендот на затоплување не е само за јули. Проценките покажуваат дека глобално месечната просечна температура на воздухот е зголемена за сите месеци од годината во изминатите четири декади.

Александар Атанасов за МИА